Од утре продолжува реконструкцијата на патниот правец преку Галичица
Јавната установа Национален парк Галичица и изведувачот на работите за реконструкција на патниот правец преку Галичица ја информираат јавноста дека од 9 август 2021 година (понеделник) до 13 август 2021 (петок) ќе продолжат градежните активности. За непречено одвивање на активностите на терен, патниот правец ќе биде затворен за сообрајќај од 8 до 17 часот, секој ден, од превојот Баба во насока на Отешево. Сообрајќајот од Охрид до превојот Баба ќе се одвива непречено.
Јавната установа Национален парк Галичица, заради зголемениот број на јавувања од страна на многу граѓани, уште еднаш ја информира јавноста и апелира за трпеливост и солидарност во овие тешки моменти на зголемен ризик од појава на шумски пожари. Во таа смисла, ЈУНПГ ја потсетува јавноста за Одлуката за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена и забраната за движење по шумските предели низ целата Република, вклучително и на територијата на Националниот парк Галичица.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа на 4.8.2021 година во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Републиката заради зголемена појава на пожари.
Галичица е наша и наша заедничка обврска е да направиме се за да спречиме појава на пожари кои можат негативно да се одразат врз животната средина, но и врз безбедноста на жителите и посетителите на регионот!