Одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција со централна манифестација во Охрид
Денеска, (07.05.2023), во Охрид, на сцената на Долни Сарај, беше оддржана централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, а во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, севкупното раководство на Министерството за внатрешни работи, како и членови на Владата на Република Северна Македонија. Имајќи го предвид меѓународниот предзнак на полицискиот празник, со тоа што од 8 до 10 мај во Охрид се оддржува 50. Европска Регионална Конференција на Интерпол, присутни на свеченоста беа претседателот на Интерпол, генерал мајор Ахмед Насер Ал-Раиси, генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, министри за внатрешни работи и директори на полиции од земјите од регионот, амбасадори и полициски аташеа, како и бројни пријатели и партнери на МВР и македонската полиција.
Така, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија продолжува две убави традиции започнати минатите години – Денот на полицијата да се одбележува заедно со граѓаните согласно мотото Полицијата во служба на граѓаните, како и тоа дека сѐ повеќе гости од пријателски и партнерски земји ни укажуваат чест со свое присуство на одбележувањето на овој ден.
Свое обраќање на свечената церемонија имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и првиот човек на Интерпол, претседателот генерал мајор Ахмед Насер Ал-Раиси.
„7 МАЈ е посветен на полициските службеници на Република Северна Македонија, кои практично се хероите на нашето време. Тие секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја заштитат заедницата во која живееме, а нашиот свет да го направат подобро место за живеење. Секој ден, во секој град низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична, би рекол благородна работа, надвор од комфорот на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Во жестока пресметка со криминалот, спречувајќи ги кризите брзо и целосно, без чекање и двоумење. За жал, некои од нив, борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата, ја дадоа и најскапоцената жртва – своите животи, поради што на овој ден со неизмерна почит се потсетуваме на нив и на нивната храброст, како вечна инспирација за сите нас! Затоа и велиме дека да се биде полицаец, да се биде припадник на Министерството за внатрешни работи – претставува посебна чест и огромна одговорност”, рече министерот Спасовски во своето поздравно обраќање пред гостите.
Истакнувајќи ги современите предизвици во областа на безбедноста, министерот Спасовски рече дека од МВР и македонската полиција се очекува да бидат вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој граѓанин.
„Затоа, како Министерство за внатрешни работи, тргнувајќи од основната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, воспоставивме модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на полицијата како сервис на граѓаните”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека паралелно на овој процес, се работеше на создавање многу мостови на пријателства и партнерства, дел од нив сосема нови.
Говорејќи за изминатите шест години колку што е на чело на Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски ја изрази својата гордост што во МВР работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против хибридните закани и тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните. Притоа, тој ги истакна конкретните резултати во борбата против криминалот а кои се поткрепа за континуираното подобрување на ефективноста на полицијата.
„Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40%. Дури 70% е зголемувањето на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за над 30% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин. Како резултат на ова, во рок од шест месеци спроведовме две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци. И во првите четири месеци од оваа година продолжуваме со намалување на криминалитетот за 12,6% во однос на истиот период лани. Организациските единици во Бирото за јавна безбедност активно постапуваат по осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментов активни се 244 криминалистички истражувања”, истакна министерот Спасовски, потенцирајќи дека бележиме најдобри резултати во последните 30 години, благодарение на кои Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот, а кои се заеднички резултати кои се должат на добрата стратегија на која како раководство на МВР останува целосно посветено.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски на своите колеги им го честиташе професионалниот празник – Денот на полицијата и на сите вработени во МВР им посака здравје, успех, просперитет и уште подобри резултати во служба на заедницата.
Претседателот на Интерпол, генерал мајор Ахмед Насер Ал-Раиси на почетокот од своето поздравно обраќање ја изрази честа да биде дел од денешната свеченост кога се одбележуваат и прославуваат заложбите на полициските сили на Република Северна Македонија. Притоа, тој ја истакна својата благодарност до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за поканата.
„Деновите на полицијата, ширум светот, служат да нé потсетат на пожртвуваноста што ја пружаат безбедносните сили секојдневно. Полициската работа нема застој. За да бидат луѓето безбедни, службениците работат деноноќно, борејќи се со различни форми на криминал, жртвувајќи го времето за семејството и пријателите, а понекогаш жртвувајќи ги и своите животи за другите”, рече претседателот Ал-Раиси.
Тој потсети дека нашата земја 30 години е посветен член на ИНТЕРПОЛ, а годинава се одбележува 30 годишнината од членство во ИНТЕРПОЛ.
„Ова долго партнерство е симбол на посветеноста на Северна Македонија кон јавната и поддршка на глобалната безбедност. Република Северна Македонија постојано го подржува ИНТЕРПОЛ, со витални операции, почнувајќи од откривање на трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, па сé до сузбивање на трговија со дрога и измама со документи, заштитувајќи ја не само Република Северна Македонија и нејзините граѓани, туку, исто така, и поширокиот европски регион”, рече Ал-Раиси, давајќи го примерот за поддршка од Република Северна Македонија низ операцијата Либертера 2021 г., што доведе до успешно апсење на 286 криумчари на луѓе и трговци со мигранти, а како резултат на тоа, стотици жртви од светот беа спасени.
Оддавајќи признание за службата на македонската полиција, претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ал-Раиси, се заблагодари за поддршката од страна на полицијата на Република Северна Македонија, при што истакна дека оваа седмица, Северна Македонија ќе биде домаќин на 50-та Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ, каде што заедно ќе се работи со членовите на ИНТЕРПОЛ од регионот, во борба против криминалот на денешницата, подготвувајќи се за криминалот на утрешнината.
По воведните обраќања на министерот Спасовски и претседателот Ал-Раиси, беа доделени плакети од страна на министерот Спасовски, заменик министерот Назим Буши и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски доделија плакети во знак на благодарност за ридецениското партнерство на претседателот и генералниот секретар на Интерпол, генерал мајор Ал-Раиси и Јирген Шток, а беа доделени и традиционалните признанија за промоција и афирмирање на македонската полиција на меѓународен план на државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, на помошник на министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, Муамет Реџепи и на заменик генералниот секретар на Европскиот совет на полициски синдикати, Марјан Кицев. За успешно релизирани оперативни активности во МВР и промоција на професионализмот, признанија добија Сашо Јовановски, началник на Единицата за корупција при ОСОСК, Горан Ангелов, началник на Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при ОКП, Митко Даневски, началник на Одделот за специјални полициски операции и Амир Далипи, началник на СВР Тетово.
Свечената церемонија по повод одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше збогатена и со културна-уметничка програма со настап на хорот „Менада“ од Тетово.
Претходно, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.