Одбележан Денот на Полкот за специјални операции
Припадниците на Полкот за специјални операции, денес во касарната ,,Илинден“ во Скопје, со воена свеченост го одбележаа денот на кој пред 24 години е формирана единицата, настан кој е определен како ден на оваа најелитната единица на АРМ.
На свеченоста покрај министерот за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска и Началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа и заменикот на МО Беким Максути, ЗНГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, државниот секретар во МО Драган Николиќ, генерали на АРМ, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти на полкот и други гости од МО на РМ и ГШ на АРМ.
Министерката Шекеринска во своето обраќање истакна дека Македонија ја дефинираше својата стратешка цел, членство во НАТО и им се заблагодари на припадниците на Полкот за сето она што тие го направија да ја претстават Македонија во вистинско светло, и да и помогнат на својата земја да ги реши своите предизвици во тешки времиња. „Секој чекор напред кон НАТО – Алијансата ќе биде чекор напред за стратешките интереси на Македонија, за нејзиниот напредок, за нејзината стабилност. Ќе биде чекор напред за силата на Армијата на Република Македонија, но и чекор напред за стандардот и условите за работа на сите припадници на Армијата“, рече Шекеринска.
Министерката истакна дека војниците заслужуваат и подобар живот и подобри услови за работа и затоа и покрај тешката финансиска состојба се обезбедени 15 проценти зголемување на буџетот за одбраната. „Обезбедивме 90 милиони денари кои што ќе бидат наменети за основна униформа и чизми и вкупно 120 милиони денари за подобра интендантска опрема. Во последните 8 месеци инвестиравме 16 милиони денари и во занемарената физичка инфраструктура за подобрување на условите за работа. Во овогодишниот буџет обезбедивме средства за реконструкција токму на објектите на ренџерите и баталјонот за врски овде во касарната „Илинден“. Ќе вложиме 62 милиони денари од буџетот на одбраната за подобрување на инфраструктурата и тоа ќе биде само почеток“, истакна министерката.
Во контекст на регионалната соработка, министерката најави дека припадници на полкот ќе бидат дел од воена вежба во Бугарија во октомври оваа година, на која ќе учествуваат поголем број земји од регионот.
Командантот на пСО бригадниот генерал Орце Јордев во својот говор пред присутните го истакна историското значење на овој ден за единицата, како и придонесот на специјалните единици во изградба на модерениот систем на обука на АРМ и градење на капацитети за борба против современите закани. Притоа им порача на припадниците на полкот да продолжат и понатаму да бидат пример на посветеност и одговорност и да останат доследни во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото на полкот „повеќе од можното“.
И покрај исклучително високите критериуми на селекција за прием, во оваа атрактивна единица, на последните конкурси за прием во професионални војници кандидатите искажуваат огромен интерес току поради нејзиното докажано реноме меѓу јавноста во Република Македонија и пошироко.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани стимулативни мерки за припадници на пСО за остварените резултати,а беа доделени и унапредувања.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на пСО е одреден 1 март, датум на кој за прв пат во Армијата на Република Македонија беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за Специјални Операции во чиј состав влегуваат баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон.