Одбележан Денот на реката Дрим
Со изложба на фотографии на младите од Трпејца и Поградец, денес во ОУ “Христо Узунов“ по петти пат беше одбележан “Денот на Дрим“. Манифестацијата беше посветена на подигање на јавната свест за значењето на Дримскиот басен, мултилатерарен проект помеѓу Македонија, Грција, Албанија, Косово и Црна Гора,кој е поддржан од Глобалниот Еколошки Фонд (ГЕФ).
На манифестацијата од името на Општина Охрид се обрати Живка Ангелоска, претседател на Советот на Општина Охрид.
„Особено не радува што оваа година „Денот на Дрим“ се одбележува со трансграничниот проект „ СИНО- ЗЕЛЕНО наспроти ЦРНО- СИВО“. Благодарение на фотографиите на младите , денеска имаме ретка можност, Охридското Езеро да го видиме и почувствуваме од еден друг агол. Изложените фотографии ни ја потврдуваат синтагмата дека една слика менува илјада зборови. Преку нив секој на свој начин ја доживува и убавината, но и темната страна која не потсетува колку е сурова човековата негрижа за заштита на природните реткости.
Искрено се надеваме дека со организирањето на овој и слични настани, заеднички ќе се придонесе за подигнување на свеста кај граѓаните, а особено кај младите за заштита на универзалните природни вредности и одржливост на Дримскиот басен, чиј нераскинлив дел е сливот на Охридското Езеро – истакна Ангелоска.
Манифестацијата годинава заедничи ја организираа Здружението “За Трпејца со љубов“ од македонска страна и НВО “Интелектуална жена“ од Поградец. Одбележувањето на “Денот на Дрим“ продолжува и утре во Поградец.