22/11/2024
Охрид

Одбележан Денот на ретките болести во ОУ „Григор Прличев“

Вчеравечер, (25.02.2020 год.), во ОУ „Григор Прличев“ – Охрид се одбележа Денот на ретките болести. Во обраќањето на Гордана Лолеска од Здружението на лица ретки болести „Живот со предизвици“ присутните имаа можност да се потсетат на многу проблеми со кои се соочуваат овие лица, дека во светот постојат над 6000 ретки болести, а само за 250 од нив има некаков лек. А тешкото дијагностицирање и недостапноста на лековите се само дел од нив.

„Нашите ученици, родители и вработени се вклучени во оваа кампања за подигање на свеста за РЕТКИТЕ. Ученичките Матеа Стоев и Нина Стевоска имаа презентација за ретките болести. Оваа презентација беше поглед кон „реткоста“ низ призма на детските очи. Нашиот ученик Марко Пејчиновски е пример за реткоста и храброста. Полни со емоции, тие испратија силна порака:

„Ретко е да си редок! Но реткоста е особина која нè следи во животот, бидејќи само храбрите се ретки.“

Покрај презентацијата по повод одбележувањето се реализираа и интерактивни спортски активности помеѓу децата и нивните родители. Полна училишна сала која уживаше во моментите на дружба и игра.

Нашите ученици заедно со своите родители и наставници испратија силна порака кон ретките:

„Вие сте како детелина со четири лисја! Причинувате среќа! А ние нашите раце ги подаваме кон вас… За да ви кажеме… Ретки сте затоа што сте храбри!“ – информираат од ОУ „Григор Прличев“ – Охрид.