26/11/2024
Охрид

Одбележан Светскиот ден на водните живеалишта

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше дел од настанот „Кон  подобро управување со Охридското Езеро, Студенчишко Блато и Белчишко Блато“ што денес се одржа преку Zoom платформа, а по повод одбележување на  2 февруари – Светски ден  на водните живеалишта.

Во своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков истакна:

– Дозволете да го изразам моето задоволство и благодарност за поканата за учество  на одбележувањето на Светскиот ден на водните живеалишта. Општина Охрид и општина Дебрца се вистинскиот избор за одбележување на овој значаен ден од екологијата, со оглед на тоа дека го споделуваме Охридското Езеро кое е е извонреден природен феномен кој е прибежиште за бројни ендемски и реликтни слатководни видови флора и фауна како и најголем воден басен на питка вода во југоисточниот дел на Европа. Исто така на територијата на општина Охрид се наоѓа Студенчишко Блато кое во минатото  со многубројни канали било поврзано со Охридското Езеро. Секоја промена на нивото на водата од езерото директно влијаела и на блатото, а тоа и ден денес преставува витален и нераскинлив дел на Охридското Езеро. Во регионот на  општина Дебрца егзистира и Белчишко Блато .Наша обврска и цел е да придонесеме кон подобро управување со погоре споменатите природни ресурси кои се од непроценливо значење за регионот, а секако и за нашата држава што е препознаено од страна на МЖСПП. Изразувам благодарност до сите учесници на денешното одбележување на светскиот ден на водните живеалишта, Ви посакувам успешна работа со надеж дека ова одбележување ќе стане традиционален настан – подвлече Пецаков.

На настанот   учествуваа и  Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески  како и  претставници од невладини и граѓански организации.

За Слатководните  живеалишта – значење, закани и мерки за заштита говореше  Д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директор на ЈНУ Хидробиолошки Институт-  Охрид . На случувањето Ѓоко Зороски и Даниел Богнер, консултант за биодиверзитет и градење капацитети  ги презентираа   најважните наоди од студијата за валоризација на Белчишко Блато, а Хавза Реџеп Каќел, раководител на Одделение за заштита на животна средина, Општина Охрид и Менка Спировска, експерт за животна средина – претставник на изработувачот на Студијата за валоризација на Студенчишко Блато одржаа  презентација на најважните наоди од Студијата за валоризација на Студенчишко Блато.  Даниел Богнер  ги порезентира  најважните наоди од студијата за валоризација на Охридско Езеро.  На настанот  се  проследи   едукативно- документарниот филм „Белчишко Блато – синиот бисер од Дебрца“.


WebOhrid / 02.02.2022 / Општина Охрид