23/11/2024
Охрид

Одбележана деветгодишнината од потонувањето на бродот „Илинден“

Пред спомен обележјето во градскиот парк, денеска беше одбележана деветгодишнината од потонувањето на бродот „Илинден“, најголемата бродска несреќа во Охридското Езеро. По тој повод градоначалникот Јован Стојаноски и Бугарскиот конзул во Република Македонија Веселин Богданов, како и претставници на Капетанијата на пристаништата и Здружението на граѓани „5 Септември“ и граѓани, положија свежо цвеќе на спомен обележјето.

Градоначалникот Јован Стојаноски рече дека сите посакуваат никогаш повеќе да не се повтори ваква или слична несреќа, во која се губат животи и додаде дека во тек се разговори со градоначалниците од општините од Бугарија, од кои имаше најмногу загинати туристи, за подигнување на заедничко спомен обележје.

Бродската несреќа во која животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија се случи пред девет години, на 5 септември околу 10:30 часот. Тоа саботно утро времето беше топло и тивко, езерото мирно и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

„Посебно за нас коишто учествуваме во наутиката и во бродарството, тоа беше еден од најтрагичните моменти што Охридското Езеро било кога го запамтило и една огромна опомена, односно еден пресек на сите оние работи, до каде било и каде треба да се движи самото бродарство во однос на безбедносните мерки и правила. Оттогаш многу мерки и правила се на многу повисоко ниво, посебно прегледот на бродовите нивната техничка способност и.т.н. зборувам за комерцијалната флота, која што во овој момент слободно може да се каже дека е безбедна и дека нема никакви забелешки покрај сите прегледи што се правени досега. Техничките прегледи се движат во определениот календар како што е предвидено и не се забележани недостатоци. Инспекциите на Капетанија најчесто и најстрого ги гледаат моментите кога се товараат патници, да биде соодветен бројот на товарени патници, распоредот на самиот товар на бродот според товарната шема и.т.н. значи тоа се најважните моменти за кои мора да се води сметка при експлоатација на еден брод, сето тоа се води на едно друго ниво, многу строго и без одредени пропусти.“ – изјави капетанот на Охридската капетанија, Горан Устијаноски.

WebOhrid