Одбележана годишнината од смртта на Бошнаков
Делегација од Општина Охрид предводена од заменик градоначалникот Ристо Николески, претставници од Подрачната единица на историскиот архив како и претставници од политичкиот и јавниот живот во Охрид, денес пред спомен плочата на Марко Бошнаков во непосредна близина на неговата родна куќа во старото градско јадро, положија цвеќе по повод одбележување на годишнината од неговата смрт.
Марко Бошнаков е роден во Охрид во 1874-та година. Основното образование го стекнал во родниот град, а како средношколец учел во Солунската Гимназија. Бил сведок на создавањето на Македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означи почетокот на македонската револуционерна борба во 1893 година. Се вклучил во движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.
Измачуван и тешко заболен од затворските тортури, умира од маларична треска во затворот Музрул во Африка на 27-ми февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Пред смртта Бошнaков на своите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“. Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошнаков, му ја отсекле главата и ја донеле во неговиот роден град.