Одбележување на годишнината од дипломирањето на Кемал Ататурк
Денеска се одржа свечена церемонија по повод традиционалното одбележувањето на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во тогашната воена гимназија во музејот во Битола каде се наоѓа спомен собата на Кемал Ататурк. На свеченоста присуствуваа заменик на министерот на одбрана, Беким Максути, претставници од МО и ГШ на АРМ, воени аташеи акредитирани во Р. Македонија, делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција и други високи гости по повод одбележување 119 години од овој настан. Исто така присутни беа и питомци од воените училишта на ВС на Република Турција.
Генералот Мухамет Рацај, во својот говор, истакна дека Република Турција е земја со која први имаме потпишано спогодба за соработка во областа на одбраната и е една од најголемите поддржувачи на Армијата на Македонија. Заедничкото учество на офицерите на АРМ во Кабул во рамките на турскиот контингент е најдобар доказ за соработката и односите меѓу двете армии.
Амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Н.Е Тулин Еркал Кара и бригадниот генерал Битлислиоглу се заблагодарија на пречекот и поддршката во организацијата на свеченоста по повод одбележувањето на 119 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, како настан од историјата кој ги спојува двете пријателски земји. Притоа се осврна и на влијанието на школувањето и поминато време во својата рана возраст во оваа гимназија за неговата понатамошна воена и државничка улога во формирање на современа Република Турција.
Република Турција, како членка на НАТО, дава безрезервна поддршка на нашите аспирации да станеме полноправна членка во оваа воена асоцијација.