Одлука за патување на државјаните на Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина без меѓусебна обврска од негативен ПЦР тест
Врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот, Владата на Република Северна Македонија на денешната 9-та седница донесе одлука да се овозможи непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест.
Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.
Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое, до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19.
Оваа одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година.
Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, Владата денеска го одобри алгоритмот за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на КОВИД-19, според кој за спроведување на постапките дадени во алгоритмот потребно е во секое училиште да се определи назначено одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје.
На оваа своја седница Владата ги разгледа и ги усвои предлог измените на Законот за заштита на население од заразни болести, со кои се предвидени нови поголеми овластувања на инспекциските служби за справување со прекршителите на КОВИД протоколите.
Законските измени се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво.
Според измените, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста во траење до 30 дена за правниот субјект.
Истовремено, со новите законски измени ќе се зголемат паричните казни за прекршителите на здравствените протоколи. Висината на казните ќе биде во зависност од големината на правните лица (фирмите).
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на население од заразни болести ќе стапат во сила откако ќе ги прифати и одобри Собранието на Република Северна Македонија.
Владата денеска го разгледа и усвои Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, со заклучок тој да биде испратен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
Со Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, се решава долгогодишниот спор во врска со утврдување на учеството на секоја од страните во реализација на изградбата на гасоводниот систем во Република Северна Македонија, со што се постигнува надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки.
На денешната седница е усвоена Одлука за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија во 2021 година.
За стратешки приоритети на Владата за наредната година се утврдуваат: Обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните; Справување со светската пандемија предизвикана од Коронавирусот КОВИД-19; Успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија; Владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност; Квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот; Модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти; Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување; и заштитата на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени.
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за утврдување на максималниот износ на нето – задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2020 година.
Согласно претходното изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, со оваа одлука се утврдува максималниот износ на нето-задолжувањето преку издавање на државни хартии од вредност во 2020 година и тоа ќе изнесува 15.375.000.000,00 денари, наместо предвидените 12.300.000.000,00.
На предлог на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и институциите во системот за борба против корупција, а со цел да се пристапи кон процесот на намалување на дискреционите овластувања на функционерите, Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за потреба од формирање на работна група за анализа на законите и другите прописи во кои се предвидуваат дискрециони овластувања на функционерите, како и Информацијата за координативни активности помеѓу институциите во системот за борба против корупцијата.
Како заклучок во врска со оваа информација, Владата ги задолжува Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Царинската управа и Инспекцискиот совет, во рок од 10 дена, до Кабинетот на заменик-претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, во електронска или пишана форма да достават анализа која ќе биде сочинета од деловите наведени согласно содржината на оваа информација и од која треба да произлезат предлози за подобрување на законската рамка, но и фактичките услови за работа на антикорупциските институции.