26/11/2024
Македонија

Одобрена набавката на лекот „Veklury (remdesivir)“ прифатен во терапијата на КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на денешната 16-та редовна седница ја разгледа информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“, прифатен во терапијата на КОВИД-19, со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија и обезбедување на финансиски средства и донесе заклучок да го задолжи министерот за здравство да го потпише и имплементира Посебниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“ согласно обврските преземени од Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „Veklury (remdesivir)“, доделен со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија.

Со вториот заклучок во врска со оваа информација Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди во рамките на буџетот на Министерството за здравство за 2020 година, дополнителни 13.500.000,00 денари, за плаќање на лекот „Veklury (remdesivir)“ за месец октомври, додека останатите средства во износ од 67.500.000,00 денари, за исплата по сукцесивна испорака на овој лек за период од 5 месеци, да се предвидат и обезбедат во буџетот на Министерството за здравство за 2021 година.

На денешната седница Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да го одобри Општиот протокол за организирање на спортски натпревари во услови на пандемија со КОВИД-19, со цел спречување на ширење на корона вирусот помеѓу спортисти, спортски работници, службени лица и сите останати лица вклучени во одигрување и организација на натпреварите.

Владата на оваа седница ја разгледа и усвои информацијата на Министерството за информатичко општество и администрација за постапката пред Уставниот суд на Република Северна Македонија по иницијативата за оценување на уставноста на член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се регулираат авторските права на програмите кои ги реемитуваат кабелските оператори.

На седницата Министерството за информатичко општество и администрација информираше дека е во очекување на одлуката на Уставниот суд по што ќе постапи соодветно на мислењето на судот.

Министрите во Владата на денешната седница донесоа Одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи.

Со оваа одлука се прифати увозните давачки – царинските стапки за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи во период од една година да се намалат на нивото на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите членки на Европската Унија, со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.

Причина за ваквото намалување на увозните давачки – царинските стапки на овие производи, е што овие производи не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Република Северна Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската Унија.

На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од обезбедување на дополнителни средства за Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка, и го задолжи Министерството за финансии, веднаш по усвојувањето на оваа Информација, да испрати официјален допис до Светска банка со барање да обезбедат дополнителни средства во износ од ЕУР 37 милиони за Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка.

Со Договорот за заем, и со комплетираната финансиска конструкција од ЕУР 70 милиони овозможува рехабилитација на 450 км локални патишта, од кои во првите 18 месеци од реализација на проектот ќе бидат тендерирани за рехабилитација најмалку 110 км локални патишта.

Владата денеска го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“, меѓу другото и со цел да се овозможи електронското издание на службеното гласило, да добие официјален карактер, со што воедно и ќе се намалат трошоците за печатење на изданието и ќе се забрза постапката за активирање на одлуките и прописите на Владата во интерес на граѓаните и стопанството.

На седницата на Владата денеска е разгледан и усвоен усогласениот текст на Меморандумот за разбирање за 5G патоказ за дигитална трансформација во регионот на Западен Балкан.

Целта на овој меморандумот е да се промовира дигиталната трансформација во четирите области од повеќегодишниот акциски план од Регионалната економска соработка и од Дигиталната агенда за Западен Балкан, во согласност со дигиталната стратегија на Европската комисија, и истовремено да ја зајакне соработката во оваа област во интерес на граѓаните од регионот.

Денеска е разгледана и усвоена и Информацијата за извршени преговори за усогласување на Меморандумот за разбирање за регионална интероперабилност и доверливи услуги помеѓу регионот Западен Балкан.

Со овој меморандум ќе се постигне взаемно признавање на квалификуваните доверливи услуги кои ги обезбедуваат давателите на квалификувани доверливи услуги во земјите потписнички, во согласност со националните закони хармонизирани со eIDAS регулативата на Европската Унија.

Освен забрзување на процесот на дигитална трансформација, со препознавањето на доверливите услуги меѓу кои спаѓаат и електронскиот потпис, електронскиот печат, електронските временски жигови и се отвораат можноста за взаемно признавање на електронски документи издадени од јавните администрации.

Двата меморандума, Меморандумот за разбирање за 5G патоказ за дигитална трансформација во регионот на Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за регионална интероперабилност и доверливи услуги помеѓу земјите од регионот, ќе бидат потпишани на Дигиталниот самит на Западен Балкан кој оваа година ќе се одржи на 2 ноември во Тирана.

На предлог на Министерството за образование и наука на оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата со иницијатива за задолжување за имплементација на Проект за унапредување на основното образование.

Во врска со оваа информација Владата донесе заклучок да го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Министерството за образование и наука, да пристапи кон преговори со Меѓународната банка за обнова и развој во насока на обезбедување на заем во износ од 25 милиони американски долари за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, предвиден во Рамковната соработка (Country Partnership Framework) помеѓу Република Северна Македонија и групацијата Светска банка за периодот 2019-2023 година.

Проектот е подготвен под раководство на Министерството за образование и наука и со целосна вклученост на сите засегнати страни и релевантни институции во секторот за образование и се состои од 4 компоненти, и тоа: Подобрување на учењето на ниво на училиште; Реформа на следењето и оценувањето на националниот прогрес во учењето; Зајакнување на компетенциите на наставниот кадар, стручните соработници и директорите на училиштата; и Управување на секторот, раководење со проектот и мониторинг и евалуација.

На денешната седница, на предлог на Комисија за именување, Владата донесе одлука Бајрам Реџепи да го избере за член на Одборот на директори на Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје во државна сопственост.

Со одлука на Владата Фарук Омери денеска е разрешен од должноста в.д. директор на Управата за јавни приходи, а со друга одлука Сања Лукаревска е именувана за в.д. директор на Управа за јавни приходи.

Владата денеска му предложи на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој да ја именува Моника Јованова за претседател на Управниот одбор на Фондот.

На оваа седница Владата го именуваше Фатмир Арифи за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Владата денеска изрази несогласување со Збирниот извештај за настанатите штети од елементарни непогоди кои ги зафатија општините: Валандово, Велес, Кочани, Пробиштип и Свети Николе на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети од елементарни непогоди и донесе одлука членовите на Комисијата да бидат разрешени од членството во неа заради неефикасно и несоодветно решавање на предмети од суштинско значење за граѓаните и мандатот на Комисијата.

Нови членови на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети од елементарни непогоди ќе бидат именувани на една од наредните седници на Владата, со обврска да достават ревидиран Збирен извештај за настанатите штети од елементарни непогоди кои ги зафатија општините: Валандово, Велес, Кочани, Пробиштип и Свети Николе.