22/11/2024
Македонија

Одобрени измените во Програмата за имунизација за набавка на 833.000 вакцини за КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 26-та седница, ги усвои измените и дополнувањата на Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2020 година со што се потврдува намерата на Министерството за здравство да учеството во COVAX Facility за набавка на 833.000 дози на вакцини за КОВИД-19.

Програмата ќе се реализира во рамките на одобрените средства во висина од 487.900.000,00 денари, од кои 69.722.000,00 денари се предвидени за авансно плаќање на вакцините против КОВИД-19.

На денешната седница е донесена Одлука за давање согласност за прифаќање на конечната понуда на Халкбанк АД Скопје за склучување на Договор за соработка со АД „Пошта на Северна Македонија“ и го одобри Договорот за утврдување на висината на надоместоците за вршење на услуги во АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје во име и за сметка на Халкбанк АД Скопје.

Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија во својство на Собрание на акционери на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје, ја прифати како најповолна понудата на Халкбанк АД Скопје согласно двата усвоени критериуми за евалуација на понудата, и тоа во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од 2 месеци, како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71% за „Пошта на Северна Македонија“ со 29% за Халкбанк АД Скопје.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансиската состојба на АД „Пошта на Северна Македонија“ Скопје во услови на пандемија со КОВИД-19 и стопирање на финансиските услуги поради стечај на Еуростандард банка АД Скопје, и донесе Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година и ја донесе Одлуката за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година исклучиво за намената за која што се доделени, односно заради исплата на плати на вработените.

Владата денеска донесе заклучоци да го задолжи АД Електрани на Северна Македонија да започне постапка за изработка на физибилити студија за јавно приватно партнерство (ЈПП) или за продажба на ТЕЦ Неготино, како и да спроведе постапка за избор на трансакциски советник за евалуација во постапката за изразување намера за изградба на ХЕЦ Чебрен.

На денешната седница Владата ја разгледа  и усвои информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, и донесе соодветни заклучоци и задолженија за Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за заштита на животната средина и за просторно планирање за непречено имплементирање на одредбите од Планот.

Владата ѝ укажува на Управата за заштита на културното наследство и на Националната установа-Завод за заштита на  спомениците на културата и Музеј-Охрид, до донесувањето на новите детални-урбанистички планови за Охридскиот регион кои ќе бидат усогласени со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029), условите за изградба на објекти задолжително да содржат заштитно-конзерваторски мерки, кои ги утврдува Управата за заштита на културното наследство, а ги изработува НУ-Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Владата им укажува на општините Охрид, Струга и Дебрца, при издавање на одобренија за изградба на објекти да ги соопштат и условите согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029) за задолжително исполнување на заштитно-конзерваторски услови, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство, а ги изработува НУ-Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

На денешната седница се утврдени измени и дополнувања на Законот за заштита од бучава во животната средина, на Законот за планински патеки, на Законот за животна средина, на Законот за заштита на природата, на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, на Законот за водите и на Законот за генетски модифицирани организми.

Како предлози за изменување и дополнување на овие закони се предлагаат зголемени казни за прекршоци со цел да се превенираат сериозни прекршувања на законските решенија за овие аспекти за заштита на животната средина.

Дополнително со измените и дополнувањата што се предлагаат во Законот за квалитет на амбиентниот воздух за поголема ефикасност на мерките што произлегуваат од законот, се појаснуваат надлежностите и процедурите за изготвување и усвојување на планови за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови и се утврдуваат критериумите за тоа кои единици на локалната самоуправа се должни да подготвуваат и спроведуваат вакви планови.

Исто така измените и дополнувањата на законот дефинираат и надлежности на одредени органи на државната управа со цел да се олесни спроведувањето на одредени краткорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот при надминување на прагот на алармирање. Дополнително, се даваат овластувања на други државни инспекторати за вршење надзор во спроведување на краткорочните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Со измените и дополнувањата на Законот за животна средина се доуредува пропишувањето на одредби со кои се дефинираат контаминирани подрачја, како и воспоставување на правен основ за донесување на методологија за идентификување на контаминирани подрачја, односно воспоставување на одредби со кои се уредува постапувањето со контаминирани подрачја и се доуредува финансирање во животната средина.

Министрите во Владата денеска ја разгледаа и усвоија Информацијата за листа на документи и информации кои имателите на информации се обврзани да ги објават на своите веб-страници, и донесоа заклучок со кој се задолжуваат министерствата, органите во состав на министерствата, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи кои одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од страна на Владата, акционерските друштва во државна сопственост, како и другите иматели на информации кои одговараат пред Владата, во рок од 30 дена од усвојувањето на оваа информација на своите веб-страници да ги објават документите и информациите наведени во членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Владата им препорачува на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, како и на имателите на информации основани од нив во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават документите и информациите кои се предвидени во членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Дополнително, Владата ги информира општините, како и имателите на информации основани од нив, дека реализацијата на сите нови капитални проекти за 2021 за локален развој од централниот Буџет, капиталните инвестиции за локален развој од ТАВ програмата, потоа проектите за локален развој од програмите на Светска банка и од Европската инвестициска банка, како и програмите за енергетска ефикасност наменети за единиците на локалната самоуправа ќе бидат условени од целосното спроведување на препораките согласно владините политики за транспарентност и согласно обврските од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Владата денеска го утврди текстот на Предлог законот за развој, производство и промет на воени стоки.

Со овој закон се уредуваат условите за вршењето на развој, производство и промет на воени стоки, како дејности од интерес за одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија, Предлог законот ги утврдува условите и постапката за добивање согласност за вршење развој, производство и промет на воени стоки, дозволи и сертификат за имплементација на програма за внатрешна усогласеност, обврските на лицата вклучени во развој, производство и промет на воени стоки, надлежностите на органите вклучени во постапките во врска со развој, производство и промет на воени стоки, како и заштитата и безбедноста на развојот, производството и прометот на воени стоки.

На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог законот за преземање на административни службеници вработени преку вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност.

Целта на овој закон е да се распоредат нераспоредените административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вработени преку оваа програма во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и во институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје и акционерски друштва во државна сопственост.

Согласно изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 на денешната седница е донесена Одлука за изменување на Одлуката за утврдување на максималниот износ на нето – задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2020 година, согласно која максималниот износ на нето – задолжување преку издавање на државни хартии од вредност во 2020 година изнесува 21.525.000.000,00 денари.

Овие средства ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2020 година, како и за делумно финансирање на 2021 година.

На денешната 26-та седница, Владата го утврди текстот на Предлог законот за лобирање согласно препораките на ГРЕКО со цел да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и трети лица што настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.

На оваа седница се донесени и одлуки за распоредување на набавената противпожарна опрема на општините Град Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за одржување заедничка владина седница со Владата на Република Косово предвидена за 25 јануари 2021 година во Скопје, и ги задолжи сите министерства до Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во рок од 5 дена да достават предлози за можни прашања, теми за разговор, договори и меморандуми кои ќе бидат на дневен ред за потпишување на оваа заедничката владина седница.

На препорака на Комисијата за заразни болести, Владата денеска го донесе Протоколот за полагање стручен испит за наставници и стручни соработници во услови на КОВИД-19.

Во продолжение на ова соопштение ви ги пренесуваме и одлуките за кадровски решенија согласно предлогот на владината комисија за кадровски прашања:

– Марко Ѓоргиевски е отповикан од должноста независен и неизвршен член на Одборот на директори на Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности НАЦИОНАЛНИ ЕНЕРГЕТСКИ РЕСУРСИ Скопје во државна сопственост.

– На местото на  д-р Драги Рашковски, во Совет за реформа на јавната администрација се именува Мухамед Зеќири, генерален секретар на Владата на Северна Македонија.

– Владата се информираше за оставката на Дарио Николовски од должноста директор на Државниот студентски дом „Скопје“ во Скопје и заклучи да му препорача на Управниот одбор на Државниот студентски дом „Скопје“ во Скопје, за вршител на должноста директор на Државниот студентски дом „Скопје“ на Скопје, да го именува Виктор Велевски.

– Владата ја прифати информацијата на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за именување на Марко Ѓоргиевски за в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за време до изборот на директор, а најдолго за шест месеци.

– д-р Дарко Данев, е разрешен од должноста член на Совет на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија – Скопје како претставник од универзитетите на негово барање.

– Зоран Стојановски е разрешен од должноста директор на Воспитно Поправен Дом Тетово, на негово барање.

– Даниел Антовски е именувана за вршител на должност директор на Воспитно Поправен Дом Тетово.