Одржан основачки состанок на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион
Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека денес во Клубот на пратеници во Скопје се одржа првиот основачки состанок на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион…
Состанокот го отворија министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и Билјана Зефиќ, в.д директор на Управата за животна средина. На состанокот, освен членовите на Комисијата, присуствуваа и пратеничките во Собранието на Р.М, Маја Морачанин и Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за култура во Собранието на Р.М кои ги поздравија присутните, како и в.д директорката на Управата за заштита на културното наследство на Р.М, Елеонора Петрова – Митевска.
Основачкиот состанок на Комисијата се одржа откако претходно Владата на Република Македонија, на својата 50 седница одржана на 23 јануари 2018 година, именуваше претседател, заменик-претседател и членови на оваа Комисија.
Согласно Законот за управување на Охридскиот регион од 2010 година, врз основа на кој е формирана оваа Комисија, Министерството за култура и Министерството за животна средина, заедно со Управата за заштита на културното наследство и Управата за заштита на природата, имаат посебна одговорност за досегашните но и за идните активности поврзани со овој регион, почнувајќи од легислативата па сè до нивното спроведување во практика. Комплексноста и сензитивноста на проблематиката која ја опфаќа заштита на културното и природното наследство на Охридскиот регион како светско наследство, упатува на сериозна меѓусекторска соработка со цел почитување и применување на универзалните вредности и принципи, вградени во меѓународните инструменти, пред сè Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на културното наследство.
Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион е координативно и советодавно тело, чии работни должности и задачи се да го разгледува и дава мислење за нацрт – извештајот за состојбата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион; да ги разгледува и дава мислење за спроведување на законите и други прописи со кои се уредуваат прашањата од областа на заштита на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; да го разгледува и дава мислење за планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; да ги разгледува и дава мислење за други планови со кои се засега во управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; да ги разгледува и дава мислење за просторните и урбанистичките планови во Охридскиот регион; да ја следи и дава мислење за состојбата со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; да ја разгледува состојбата и предлага мерки за подобрување на состојбата со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, на своја иницијатива и/или по барање на друго правно или физичко лице или орган на државната или локалната власт и да ги разгледува и дава мислење за други прашања во врска со управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
Комисијата е составена од претседател, заменик-претседател и 21 член кои ги именува Владата на Република Македонија. Членовите на Комисијата се избираат на следниов начин, и тоа:
1) еден член на предлог на Владата на Република Македонија; 2) еден член на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина од редот на вработените во органот или од редот на истакнат и научни работници од областа на заштита на природното наследство; 3) еден член на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на културата од редот на вработените во органот или од редот на истакнати научни работници од областа на заштита на културното наследство; 4) еден член на предлог на Националниот совет за одржлив развој на Република Македонија; 5) еден член од Институтот за биологија на Природно – математичкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје од редот на истакнати научни работници од областа на заштита на природното наследство; 6) еден член од Институтот за историја на уметност и Археологија на Филозофскиот факултет во Скопје од редот на истакнати научни работници од областа на заштита на културното наследство; 7) еден член на предлог на Управата за животна средина од редот на вработените во Управата кои работат на прашања на заштита на природното наследство во Охридскиот регион или од редот на истакнати научни работници од областа на заштита на природното наследство; 8) еден член на предлог на Управата за заштита на културното наследство од редот на вработените во Управата кои работат на прашања на заштита на културното наследство во Охридскиот регион или од редот на истакнати научни работници од областа на заштита на културното наследство; 9) еден член на предлог на градоначалникот на општината Охрид; 10) еден член на предлог на градоначалникот на општината Струга; 11) еден член на предлог на градоначалникот на општината Дебарца; 12) еден член на предлог на Јавната научна установа Хидробиолошки завод, Охрид; 13) еден член на предлог на Јавната установа Национален парк Галичица; 14) еден член претставник од Јавната установа Институт за екологија и технологија при ДУТ во Тетово; 15) еден член на предлог на Македонската православна црква; 16) еден член на предлог на Исламската верска заедница; 17) еден член претставник од туристичка асоцијација во Охридскиот регион; 18) еден член претставник од невладина организација од областа на заштитата на природното наследство од Охридскиот регион; (19) еден член претставник од невладина организација од областа на заштита на културното наследство од Охридскиот регион; 20) еден член претставник од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид; 21) еден член претставник од Националната установа Музеј „Д-р Никола Незлобински” – Струга; 22) еден член претставник од Националната установа Национален конзерваторски центар – Скопје; 23) еден член претставник од Националната комисија за УНЕСКО.
За претседател на Комисијата може да биде избрано лице од редот на предложените членови на Комисијата кое има најмалку пет години работно искуство во управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион. Претседателот, заменик-претседателот и членовите на Комисијата се избираат за време од три години со право на повторен избор, но не повеќе од два пати едно по друго. По потреба, во работата на Комисија можат да учествуваат и претставници од научни и образовни установи и други стручни организации кои дејствуваат во областа на заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион.