Одржан вториот модул од ИТФ обука Ниво 2 за тениски тренери
Во организација на Македонската Тениска Федерација (МТФ) и Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), а во соработка со ИТФ и ИОК, се одржа обука за тениски тренери на која учествуваа 9 тренери од 6 тениски клубови членки на МТФ.
Оваа обука која беше организирана на највисоко ниво и финансирана со средства обезбедени од страна на Македонскиот Олимписки Комитет и Македонската Тениска Федерација е дел од програмата Развој на националниот спортски (тениски) систем во Република Македонија, а првиот дел од оваа обука беше одржан во Октомври 2017 година.
Предавачи на вториот модул беа ИТФ експертот, Хрвоје Змајиќ (Хрватска) и претседателот на тениската комисија на МТФ, Горан Шевченко.
Обуката беше насочена кон елаборација на најновите тениски теми поврзани со тактиката за напредни тенисери, поставување на стил на игра на тенисерите, индивидуални тренинзи, перцепција за тенис, развој на паметни тенисери, идентификација на таленти, поставување на цели, воведување на варијабилност во играта на тенисерите, учење на стилови и методи (за индивидуален тренинг), групен тренинг, оценување на сопствената обука, преглед на моторните способности / енергетските системи / периодизацијата на кондиција, моторни способности и поврзување со различни ситуации во текот на играта, рутина на загревање, улогата и одговорноста на фитнес тренерот и кондициониот тренер, нутриционизам и допинг, превенција од повреди, фитнес тестирања и многу други.
МОК и МТФ силно веруваат дека ваквите обуки се основа за долготраен квалитетен развој на тенисот во Република Македонија, од кои секако најголема корист ќе имаат нашите тенисери и тенисерки.
https://youtu.be/QyawE5IuMAM