23/11/2024
Македонија

Одржана 113-та седница на Владата на РМ

Владата на Република Македонија на својата редовна 113-та седница што ја одржа синоќа ја усвои Програмата за остварување на социјалната заштита за 2019, како и одредбата Програмата да отпочне да се применува од 1 јануари 2019 година.

На оваа седница Владата ја донесе и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2019 година.

Во пакетот социјални програми на Министерството за труд и социјална политика, Владата вечерва ги усвои и Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2019 година; Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2019 година, како и Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2019 година.

Овие програми се усвоени на оваа седница бидејќи на нив им претходеше неопходното усвојување на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, за да можат да се реализираат веднаш со првиот ден од новата година.

На оваа седница Владата на РМ донесе одлука да го повлече од Собранието на РМ Предлог-закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и низ повторена владина процедура овој предлог-закон, од реформскиот пакет од легислативата, да добие европско знаменце за да се забрза постапката за негово донесување во законодавниот дом и да се избере нова Државна комисијата за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени во новото законско решение.

На седницата Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои ,,Информацијата за вклучувањето на децата Роми во предучилишно образование“, и им препорача на градоначалниците на општините опфатени во оваа информација да го свикаат Советот на општината и да ја разгледаат можноста за ослободување од партиципација на 450 Ромски деца на возраст од 3-6 год за престој во детските градинки 01.12.2018 до 31.12.2019.

На вчерашната седница на Владата на РМ е усвоена и Одлуката за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање на субвенциониран станбен кредит во 2019 година, со што на граѓаните ќе им се овозможат по поволни услови да дојдат до сопствен дом.

На својата 113-та седница Владата да ја разгледа и усвои Програмата за интеграција на лицата на кои им е признаено правото на азил во Република Македонија за 2019 година.

Владата на РМ односно, Министерството за образование и наука, со пренамена на средства преку Програмата за приватно-јавни непрофитни високообразовни установи донесе одлука да пренамени 8 милиони денари. Православниот Богословски факултет “Св. Климент Охридски” добива 3 милиони денари, Универзитетот на Југоисточна Европа добива 3,1 милиони денари, а Факултетот за Исламски Науки добива 1,9 милиони денари.