Одржана 153-та седница на Владата
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ги донесе измените на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година.
Со измената на Програмата предвидено e зголемување на средствата предвидени со Буџетот и тоа: дополнителни 5 милиони денари за субвенции за сончеви колектори, дополнителни 14.7 милиони денари за субвенции за ПВЦ или алуминиумски прозорци и дополнителни 10 милиони денари за субвенции за печки на пелети, со што вкупните средства од 50 милиони се зголемуваат на 79 милиони денари.
Во делот на доделувањето на субвенции за купени печки на пелети се предлагаат вкупно 30 милиони денари, од кои 15 милиони денари ќе бидат наменети за баратели со ниски примања (ранливи потрошувачи) и истите ќе имаат предност при доделувањето на субвенциите. Останатите 15 милиони денари ќе бидат доделени на начинот опишан во програмата и јавниот оглас.
На оваа своја седница, Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за отпочнување со реализација на проектот Изградба на дел од фекална канализација за Индустриска зона Визбегово во Општина Бутел.
Министерството за транспорт и врски информираше дека по завршување на процесот на урбанизација на индустриската зона Визбегово, отпочнаа и веќе се во тек работите на водоводна мрежа, а сега се обезбедени и документацијата и средствата за изградба на дел од фекална канализација. Рокот за изведба на планираната канализација изнесува околу 14 месеци.
На оваа редовна 153-та седница на Владата на РСМ, прифатена е иницијативата за формирање Работна група за координација и следење на развојните проекти во Преспанскиот регион, кои беа најавени со потпишувањето на Договорот со Република Грција, за кои се предвидени неколку десетици милиони евра од ИПА и од фондовите на ЕУ за прекугранична соработка.
На денешната седница е донесена одлука за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година во износ од 5.000.000 денари, за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 во Општина Струмица, кои ќе бидат наменети и за приклучување на Јавната здравствена установа Општа Болница Струмица на градскиот гасовод. Со оваа интервенција ќе се намали аерозагадувањето во градот, бидејќи болницата сега се загрева со нафта, со што ќе бидат остварени дополнителни заштеди откако нафтата ќе биде заменета со поевтино и еколошко гориво.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за подигнување на статусот на Република Северна Македонија во Заедницата на демократии и го задолжи Министерството за надворешни работи во рок од седум дена, да го достави писмото за намери, во кое ќе биде содржано барањето за стекнување статус на земја членка на Управниот одбор на ЗНД.
Република Северна Македонија е потписник на Варшавската Декларација за основање на оваа заедница во 2000 година и беше охрабрена да поведе постапка за подигнување на статусот на државата во членство во оваа меѓународна организација како резултат на враќање на демократскиот курс и континуирана демократизација на општеството, со што Северна Македонија ќе биде прва земја членка од регионот на Западен Балкан, меѓу постоечките 29 земји членки.
На оваа седница, Владата ја усвои Предлог – Платформата за учеството на делегацијата на Република Северна Македонија на 74-то редовно заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации, предводена од премиерот Зоран Заев, кој ќе има и свое обраќање на генералната дебата на Собранието на 28 септември 2019 година.
Фокусот на активностите на делегацијата покрај на темите од агендата на ГС, ќе биде ставен врз билатералната соработка, напредокот во реализацијата на стратешките надворешно-политички цели на Република Северна Македонија со акцент на промовирање на новиот пристап во решавањето на билатералните и регионалните прашања, реформите на национален план, како и очекувањето (добивање датум) за започнување преговори со ЕУ, завршниот процесот на ратификација за членство во НАТО. Посебен акцент ќе биде ставен на афирмација на придобивките од договорот со Грција за надминување на разликата околу името, и приоритетните прашања од агендата на ГС на ОН.
На денешната седница, Владата ја усвои Информацијата за пристапувањето на Република Северна Македонија во Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион и ги задолжи Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи да побараат од надлежните министерски ресори да определат по еден национален координатор за Стратегијата кои ќе бидат задолжени за земјоделство, шумарство и водостопанство, за проектите за транспорт и врски, економија, за животна средина и просторно планирање, како и координатори за проектите за поврзување на регионот.