30/11/2024
Македонија

Одржана 159-та седница на Владата на РСМ

Редовната 159-та седница на Владата се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

На седницата присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, а министрите во Владата реферираа за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион, особено во делот на патната и комуналната инфраструктура, како и за напредокот во изградбата на примарниот гасовод на потегот Неготино-Прилеп-Битола.

Ресорните министри во Владата на Северна Македонија информираа и за актуелните проекти во здравството, заштитата на животната средина и социјалната заштита, како и за оние во културата и локалниот економски развој.

На прашањата и предлозите на градоначалниците за нивните иницијативи за кои очекуваат поддршка од Владата, премиерот Заев истакна дека вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет за директни придобивки за граѓаните.

На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Договори за доделување финансиска поддршка на 170 компании, вклучувајќи и компании од трговско-индустриските зони и една од дијаспората, преку програмите на Планот за економски раст. За оваа финансиска поддршка евалуирани се реализираните инвестиции за 2018 година, а се однесува за инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјиште.
Финансиската поддршка од оваа програма преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, се доделува за реализирани почетни или дополнителни инвестиции неопходни за дејноста, до 10% од реализираната инвестиција, и не повеќе од 1.000.000 евра. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот за 2019 година.

Вкупната вредност на инвестициите во овие 170 компании изнесува 230 милиони евра, со што се отвораат 4577 нови работни места, од кои во 2018 година се веќе вработени 2117 лица.

На седницата во Битола, е разгледана и усвоена информацијата за спроведувањето на активностите за поддршка на приватниот сектор од страна на Центрите за развој на планските региони – Регионални бизнис центри.

Владата го разгледа и утврди новиот текст на Предлог – законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците и донесе одлука тој биде  доставен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на оваа седница е усвоена Предлог – програма за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, според која со ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија се предвидени нови 915 милиони денари за исплата на финансиски средства на земјоделците.

Со овие средства ќе се изврши исплата на земјоделските стопанства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година и тоа за единствените барања по површина за производителите на полјоделски, градинарски, лозарски, овоштарски култури, како и исплата по грла на сточарите и тоа за говеда, овци, кози, свињи, живина и пчелни семејства.

Обезбедени се пари и за исплата на производители на градинарски производи кои своите производи ги имаат предадено во преработувачки капацитети, како и за откупена пченица од род 2018 година од домашно производство. Во измената предвидени се и финансиски средства за исплата на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко кое е предадено во периодот јануари заклучно со април 2018 година. До крајот на годината ќе бидат исплатени производителите на јаболка за произведено и предадено јаболко кај откупувачи, како и производителите на свињи кои ќе аплицираат за под-мерката за депопулација на свињите.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за барањето на одгледувачите на пчели од регионот на Демир Хисар и ги задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, да достават соодветно решение за исплата на 36 баратели на финансиска поддршка за под-мерките за пчеларство од регионот на Демир Хисар, заради штетите настаните кај пчелните заедници во овој регион.