Одржана 46-та седница на Владата
Владата на Република Северна Македонија на денешната 146-та седница, со која претседаваше премиерот Заев, го усвои новиот текст на Предлог-законот за Јавното обвинителство и е донесена одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.
Министерството за правда предложи, а Владата на РСМ денеска прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија заради терминолошко усогласување со Предлог Законот за Јавно обвинителство.
На оваа своја седница владата ја усвои информацијата за учество на делегацијата на Република Северна Македонија на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан и уште еднаш ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.
Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.
Истовремено, Владата им препорачува на општините Охрид и Струга, во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките.
На денешната седница Владата на РСМ ја разгледа и усвои информацијата за Објавата за продажба на недвижни ствари во Куманово, Ваксинце и Лојане, како и движни ствари машини, како имот што му припаѓал на Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски Папучар АД – Куманово“, по пат на електронско наддавање.
Огласот за продажба на имотот на некогашниот тутунски комбинат од Куманово доаѓа откако беше спроведена постапката за консолидирање на вкупниот имот на комбинатот кој беше во сопственост на различни правни субјекти со што се создадоа услови за реализација на одлуката на Владата на РСМ од 1 октомври 2018 Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски Папучар АД“ да биде понуден на продажба и да се рестартира неговата работа.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа Информацијата и донесе одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за реконструкција на МХЕЦ „Глажња” и МХЕЦ „Липково”.
На денешната седница е усвоен Предлог-законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија за учество на Република Северна Македонија во „Европскиот корпус на солидарност”, и да го достави на усвојување до Собранието.
Со ратификацијата на Спогодбата за учество на Република Северна Македонија во “Европскиот корпус на солидарност” младите лица од нашата земја на возраст од 18-30 години ќе се стекнат со можност во државите-членки на ЕУ да реализираат волонтерски активности во времетраење од 2-12 месеци, додека за солидарните проекти е карактеристично што се единствени проекти кои може да се реализираат без партнерска организација од друга држава-учесник од ЕУ и се однесуваат на клучните предизвици во локалната средина и за промоција на европските вредности. Во име на групата млади лица, за овие програми ќе можат да аплицираат општините, училиштата, универзитетите, библиотеките, граѓанските организации и др.
Владата денеска ја усвои Предлог-одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на дополнителна помош како мерка за исплата на продадено винско грозје, со која се проширува примената на мерката и на сортите на винско грозје Сирах, Малвазија, Бургиндец црн, Кратошија, Семијон и Мускат отонел, а со цел производителите на овие сорти да не бидат во понеповолна положба во однос на останатите производители на винско грозје.
Денеска беше разгледана и Информацијата за модернизација на единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и воведувањето на нови форми за вклучување во процесот на креирање на политики.
Надградбата на ЕНЕР ќе овозможи, меѓу другото, електронско поднесување на иницијативи од страна на граѓаните, форум-тематски дебати и поврзување со социјални медиуми, како и нов дизајн пристапен за лица со различен тип на попреченост и верзија која ќе биде достапна и прилагодлива на различни уреди (таблети, паметни телефони и сл.).
На денешната 146-та седница, Владата на Република Северна Македонија, ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог-текст на резолуција за Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028, која ќе биде доставена на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
Владата денеска ја разгледа и прифати Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 август.