Одржана граѓанската дебата „Каков градоначалник сакаат Охриѓани?՛՛
Здружението за мултикултурна интеграција, „Инклузија“ од Охрид, ја одржа граѓанската дебата на тема: „Каков градоначалник сакаат Охриѓани?“, на која присуствуваа многубројни претставници на граѓански организации, политички партии, пратеници, советници и останати граѓани.
Панелисти на дискусијата беа Крсте Блажески од ХОТАМ, Трајче Талевски од граѓанската иницијатива Охрид SOS, Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид и претседател на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Вахид Мемед, претседател на здружението ՛՛Инклузија՛՛ и младински работник, Павлина Тунтев – Ѓоршески, психолог, како и Кристина Тодороска – Петреска, драматург.
Панелистите направија профил на идниот градоначалник на општина Охрид, согласно потребите на граѓаните, меѓутоа и во согласност со нивните професионални определби. Тие дискутираа каков прв човек му треба на градот, од аспект на безбедноста, младите, културата, образованието, екологијата, заштитата на животната средина, како и од психолошки аспект.
Крсте Блажески од ХОТАМ, рече дека во однос на туристичкиот сегмент, идниот градоначалник треба, пред се, да има значително висок степен на рабирање за дополнителниот туристички развој на Охрид, како и да се посвети на решавањето на проблемот со задолжителната реконструкција на пристаништето согласно со препораките на екологистите и на УНЕСКО.
Меѓу другото, Блажески ја нагласи потребата од средување на состојбата во однос на недостатокот на ангажман на соодветен хотелско – угостителски персонал за работа во хотелско – угостителските капацитети и напомена дека несоодветниот кадар придонесува за негативната слика на туристите.
Според Трајче Талевски од граѓанската иницијатива Охрид SOS, итно е потребно да се стави мораториум за легализирање на сите дивоградби покрај езерскиот брег, да се работи на регулирање на коритото на реката Сатеска, што треба да биде еден од најитните приоритети на новиот градоначалник. Тој рече дека на Охрид му треба градоначалник со високо развиена еколошка свест, кој ќе работи за чисти плажи и улици, чесен, натпартиски, градоначалник од народот и за народот, гостопримлив и транспарентен.
Вахид Мемед, претседател на здружението ՛՛Инклузија՛՛ и долгогодишен младински работник и граѓански активист рече дека Охрид има храбри жители кои сакаат да дебатираат на вакви теми и кои се секогаш подготвени да работат за доброто на градот. Тој додаде дека идниот и секој нареден градоначалник потребно е во целост да ја разбере потребата од развој на граѓанскиот активизам во насока на креирање што поквалитетно локално општество и дека мора да има соодветна младинска политика, во која што ќе се пронајдат сите млади, за својата иднина да ја креираат тука и да даваат придонеси со нивниот интелектуален капацитет.
Психологот Павлина Тунтев – Ѓоршески, во нејзиниот профил на потенцијалниот градоначалник рече дека тој може да се бара и меѓу сите жени во градот, да понуди повеќе квалитетни содржини за младите но и за сите целни групи, да биде кооперативен, отворен во она што го прави, да има повратна комуникација со граѓаните, да создава содржини за културно и духовно надградување на луѓето. Според неа, тој треба да биде и динамичен, мобилен, естетичар, како и да работи на рамномерен развој на сите градски подрачја. Исто така, тој треба да работи и на подигнување на колективната свест, паметно да работи во однос на донесувањето клучни одлуки, и да воспостави баланс меѓу модерното и традицијата.
Стефан Димоски, магистер по безбедност и портпарол на СВР Охрид вели дека сите идни градски челници мора да се посветат на унапредување и развој на урбаната безбедност како нов светски феномен кон кој се стремат сите големи и напредни градови, со цел намалување на зачестеното извршување кривични дела кои негативно се одразуваат врз развојот и посетеноста на градот. Тој нагласи дека новиот градоналник треба да се посвети и на работа за поголем ред во сообраќајот, посебно во текот на летниот период, на унапредување на превентивните мерки за заштита, како и да ја продолжи соработката со локалниот совет за превенција. Тој истакна дека потребни се и дополнителни активности во делот на безбедноста во езерските води, иницирање дебати за безбедност со полиција, судски органи, локална самоуправа, граѓани и граѓански сектор.
Исто така, Димоски наведе дека потребно е да се работи и на носење посовремени сообраќајни решенија, посебно кога станува збор за инвалидизираните лица и за лицата со посебни потреби.
Кристина Тодороска – Петреска, драматург и граѓанска активистка на полето на културата рече дека на градот му треба градоначалник со силни етички принципи и со широки културолошки погледи, визионер кој ќе воспостави радикало одржливи перспективи. Таа посочи дека тој треба да биде културно свесен за развојот на граѓанскиот дух, и да види како Европската Унија гледа кон културата. Според неа, тој треба да изготви програма која ќе продуцира вредности и да креира заедница на мозоци, да создаде фонд за култура по примерот на многу европски културни и туристички центри. Тодороска – Петреска поентираше дека новиот градоначалник треба да биде свесен дека младите и културата се корен на позитивните промени во секоја средина, и, со самото тоа тие се создавачи на трајни вредности.
Темата отвори голема дебата, на која присутните граѓани повеќе од час и половина дискутираа дека на охриѓани им е потребен градоначалник за сите, а не, како што рекоа, партиски послушник. Според нив, тој треба да создаде ефикасна и ефективна администрација која заедно со него успешно ќе се справува со сите предизвици кои ги носи туристички центар од типот на Охрид. Тие побараа итна реконструкција на повеќе градски сообраќајници и други патишта, што поскора донесување генерален урбанистички план, отворање младински центар, санација на центарот за култура, тина дебата за решавање на проблемот со младинската иселеност, подигнување на нивото на еколошка и граѓанска свест, подеднакво почитување на сите граѓански права, и сл.