22/11/2024
ДебрцаОхрид

Одржана работилница во рамки на проектот „Белчишко блато во нашите срца“

Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид во рамките на проектот „Белчишко блато во нашите срца“ финансиран од од проектот CRESSIDA и Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа, канцеларија во Скопје, одржа работилница со локални чинители за изработка на план за зачувување на Белчишкото блато.

Работилницата се одржа во просториите на општина Дебрца во Белчишта. Беше отворена од градоначалникот на општината Зоран Ногачески и модерирана од координаторот Ѓоко Зороски. Целта на работилницата беше да се добијат сознанија преку специјално дизајниран прашалник за ставовите на месното население за идниот режим на заштита кој треба да го добие блатото како дел од европската мрежа на заштитени подрачја НАТУРА 2000. По работилницата беше одржан саем со традиционална храна од зедниците кои живеат во близина на блатото.

Следна активност ќе биде поставување две информативни табли со податоци за блатото кои ќе бидат лоцирани во с.Ботун и с.Белчишта како и работилница за презентација и јавна дискусија за нацрт-планот за зачувување на Белчишкото Блато како и прогласување Ден на Белчишкото Блато.

Инаку Белчишкото Блато попознато како Сини Вирој претставува редок и важен локалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа е дел од националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување. Блатото е реликт од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебарца била поплавена во плиоценот (пред 5,3–1,8 милиони години). Блатото е специфично заради големите карстни извори, различните типови влажни живеалишта и особено поплавените евлови шуми.