27/11/2024
Македонија

Одржана седница на Националниот совет за одржлив развој

Денес, во Владата на Република Македонија, се одржа седница на Националниот совет за одржлив развој, интересорско тело со кое претседава Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, а чија главна цел е следењето и креирањето на политики за одржлив развој. Во овој Совет, членуваат и вицепремиерот за европски прашања, министрите задолжени за надворешни работи, финансии, економија, труд и социјална политика, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање, локална самоуправа, земјоделство, шумарство и водостопанство, образование и наука, здравство, како и претставници на академската и бизнис заедницата.

На седницата се реафирмираше заложбата на Владата за имплементација на глобалната „Агенда 2030“ на Организацијата на Обединетите нации и за интегрирање на Целите за одржлив развој во севкупното работење на државата.

За време на седницата беше донесен и Деловник за работа на Националниот совет со кој е уредено Советот да обезбеди конзистентност во имплементацијата и следењето на стратешкиот документ „Национална стратегија за одржлив развој“ како и имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, во Република Македонија преку програмите за одржлив развој од пооделните министерства, поставување и координација на институциите за имплементација со цел да се придонесе кон успешно реализирање на целите на одржлив развој преку дефинираните области на делување и конкретните мерки.

Пред членовите на Националниот совет за одржлив развој, беа презентирани 17-те глобални цели на ООН и степенот на усогласеност на националните стратешки програмски документи со Целите. Врз основа на направената анализа од техничка работна група, Советот донесе одлука за приоритетна имплементација на 5 цели за 2019 и 2020 година, додека останатите цели ќе бидат во функција на приоритетните цели:

–  Да се стави крај на сиромаштијата во сите форми, насекаде во земјата (Цел 1 од ООН Целите),
– Да се обезбеди инклузивно, правично и квалитетно образование и да се промовираат можностите за доживотно учење (Цел 4 од ООН Целите),
– Да се промовира инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите (Цел 8 од ООН Целите),
– Да се преземат итни дејствија за борба против климатските промени и нивните влијанија (Цел 13 од ООН Целите),
– Да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа (Цел 16 од ООН Целите),

Советот заклучи дека посветено и одговорно, Владата и институциите ќе работат на постигнување на целите, во насока на повисок и одржлив економски раст, квалитетно образование, крај на сиромаштијата и повисок животен стандард за граѓаните како и здрава животна средина. Дополнително за постигнување на приоретизираните цели, од голема важност е ефикасноста на администрацијата и институциите, како и владеењето на правото, кои се и основа на реформите кои Владата ги спроведува во процесот на евро-атлантските интеграции.