Одржана средба во рамки на проектот „Поттик за младински иницијативи“
Здружението за мултикултурна интеграција, „Инклузија“, од Охрид вечерва одржа кафе средба на млади луѓе со претставници на градската власт, во рамките на проектот „Поттик за младински иницијативи“. Област на фокус на овој проект е креирање квалитетни младински политики на сите нивоа, зацврстување на учеството на младите луѓе во процесите на донесување одлуки, како и градење силни партнерства со локалните чинители.
На средбата беа присутни претседателката на советот на општина Охрид, Живка Ангелоска, како и советничките Марија Попоска од граѓанската коалиција, Рената Арнаудова од либерално – демократската партија и Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие имаа можност да дискутираат со 24 млади луѓе, средношколци, студенти и претставници на политички подмладоци, за проблемите со кои се соочуваат младите во градот, од аспект на нивниот квалитет на живот.
Како една од главните теми се наметна прашањето за иселувањето на младите во Охрид, при што тие упатија порака до присутните претставнички на градската власт дека не само локалната власт, туку и државата, треба да создадат соодветни услови за останување на младиот човек тука, преку мерки за подобрување на животниот стандард, активна посветеност на искоренување на партиската обоеност и вложување во приватниот сектор и во социјалното претприемништво.
Се разви плодна дискусија на која обострано беше заклучено дека на Охрид му треба кино, итно формирање локален младински совет, отворање канцеларија за млади, младински културен центар, организирање спортски игри и еколошки акции на средношколско ниво, формирање градска младинска организација според примерот на некогашните младински задруги, како и воведување кариерен советник во училиштата.
Меѓу другото, младите дадоа и предлози за опремување на медицинскиот кабинет во средното општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“, но и за подобрување на квалитетот на практичната настава во општинскиот електромашински училишен центар „Св. Наум Охридски“ и во општинското угостителско – туристичко училиште „Ванчо Питошески“ и др.
Следни чекори во рамките на реализацијата на овој проект се посета на седница на општинскиот совет и на републичкото собрание, како и подготовка на извештај за спроведените активности и добиените резултати од секоја активност поединечно.
Извештајот ќе биде доставен во електронска форма до сите средни училишта, советници, политички партии, граѓански организации, медиуми и факултети на територијата на општина Охрид.
Проектот е финансиски поддржан од ЕУ, во соработка со фондацијата за развој на локалната заедница од Штип и институтот за развој на заедниците од Тетово.