Одржана средбата со сопствениците и корисници на недвижнини во месноста Чекоштина
Денес се одржа најавената средба со сопствениците и корисници на недвижнини во месноста Чекоштина. На повикот на здружението Чекоштина урбан се пријавија околу шеесет граѓани. Здружението се зголеми за нови 14 члена и сега брои вкупно 51 член.
„Присутните беа запознаени со средбите на членовите на Управниот одбор со раководителот на општинскиот сектор за урбанизам, а подоцна и со Градоначалникот. За жал, од ветената спремност да се решат основните комунални проблеми на оваа месност во развој – останаа само ветувањата. Нашите почетни барања беа скромни: осветлување на потегот од Туристичка до мостот, воведување на уличен систем и почеток на решавање на изградба на нов мост наместо Алтанин мост. Присутните го истакнаа своето незадоволство од таквиот однос на локалните раководители.
Во понатамошните бројни дискусии се наведоа главните проблеми, при што најгорлив се покажа пробивањето и уредување на основна патна мрежа. Од Општината е потребно да се одбележи трасата, а некои присутни истакнаа подготвеност дел од финансирање на работите да преземат на сопствен трошок.
Важно е што поскоро да се изведе и основната канализациона мрежа, а за тоа да се предвидат и приклучоци на колекторот, со премин преку новиот автопат.
Неспоива е изградба на бетонски бази во непосредна близина на двата хотели, предвидени со ДУП-от.
Претставникот на еколошкото друштво Грашница кажа дека на овој простор постојат три атрактивни археолошки локалитети кои треба да се активираат. Притоа можно е користење средства од меѓународни фондови.
На сосатанокот провејуваше духот на заедништво и упорност во барањата државата да си ги изврши обврските кон нас. Не бараме се‘ одеднаш, но мора да постои комуникација и договор за решенијата кои непосредно ги засегаат жителите, сопствениците и корисниците на недвижен имот во меснпста.
Присутните го задолжија Управниот одбор да изготви конкретна листа на приоритети за инфраструктурните потреби на месноста и тоа да го објави.“ – истакна Иван Огненов, Претседател на Чекоштина урбан.