Одржана свеченост во чест на 7 мај, Денот на македонската полиција
Денеска, во просториите на поранешната касарна во Охрид, во чест на 7 мај, денот на македонската полиција, беше одржана свеченост што ја организираа Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Македонија-огранок Охрид, СВР Охрид и Интернационалната полициска асоцијација. На свеченоста, беше отворена спомен собата на 6-та македонско народно ослободителна ударна бригада, за која полковникот во пензија Добре Велјаноски и претседател на Здружението на ветерани, рече дека тука е историјата на бригадата и место каде, се изложени паноа со вредни документи и фотографии за бригадата во периодот од 1945 до 1991 година. Активностите на бригадата, од обуки, до свечени дочеци на генерал Михајло Апостолски и секако пано на бранителите кои во 2001 година го дадоа својот живот за оваа држава. Изложени се знамињата на Ветераните и Армијата на РМ, нагласи Велјаноски.
Заменик градоначалникот, Перчо Божиноски, искажа голема благодарност до Здружението на ветерани кои своето стекнато големо искуство го пренесуваат и на помладите генерации со една единствена цел сите ние да имаме безбедна средина за живеење како и за придонесот во изработката на спомен собата. Ваквите манифестации се значајни и пред за да ни бидат патоказ кон подобра иднина, рече Божиновски.
„СВР Охрид своите работни обврски и задачи на безбедносен план ги извршува крајно професионално, законито, посветено и пожртвувано и со целосна соработка со надлежните институции. Посветени кон безбедноста на граѓаните, работиме по современи професионални и демократски принципи и со целосното почитување на основните човекови права и слободи и на вистинските вредности во општеството. Практикуваме европски полициски стандарди во зачувувањето на стабилна безбедносна состојба Остануваме и понатаму посветени на потребите на граѓаните и државата“ истакна во својот говор, Жарко Лазороски, началник на СВР Охрид.
Говорејќи за значењето на настанот и за одбележувањето на 7 мај, денот на македонската полиција, м-р Стефан Димоски, портпаарол на СВР Охрид и претседател на Интернационалната полициска асоцијација – регион Охрид, кажа дека, македонската полиција денес е современа институција, кадровски и логистички подготвена да одговори на сите безбедносни предизвици, а СВР Охрид претставува современа полициска организација којашто работи на подигнување на безбедноста во рамките на подрачјето кое го покрива, полиција, која е партнер на граѓаните.
„Ефикасно градиме силна полиција, полиција партнер на граѓаните која работи во интерес на граѓаните и којашто ефективно ги решава сите проблеми на безбедносен план, од јавниот ред и мир до имотните деликти. Најзначајно е пронаоѓањето на сторителите и изнесувањето пред лицето на правдата.“ – потенцира Димоски.
WebOhrid / 05.05.2023 / СВР Охрид