„Одржливо искористување на растителните природни ресурси во Преспанскиот регион“
Балканска фондација за одржлив развој во соработка со Националниот Парк Пелистер одржа информативен ден во рамките на проектот „Одржливо искористување на растителните природни ресурси во Преспанскиот регион“.
Проф. д-р Силвана Манасиевска-Симиќ, раководител на проектот изјави „Проектот, преку етноботаничките истражувања и обуките со собирачите ќе придонесе и кон зачувување и пренесување на традиционалното знаење и искуство од локалното население. Собирачите ќе се обучат за одржливо собирање на растенија и познавањето за ботаничките карактеристики на растенијата, природните услови и економските бенефити. Собирачите треба периодично да посетуваат ваков тип на обуки од експерти во областа со цел подобрување на нивното знаење, следење на современи трендови во насока на заштита на животната средина и природното наследство. Обуката е во насока на одбележувањето на меѓународниот ден на биодиверзитетот, земајќи предвид дека собирачите се еден од клучните сегменти во зачувувањето на биодиверзитетот. Со цел подобрување на контролата и следењето на системот за одржливо собирање на самоникнати растенија предвидени се обуки и за вработените на НП Пелистер“.
Вера Мушовска, собирач од с. Нижеполе изјави „собираме традиционално различни видови на растенија и од нив подготвуваме различни видови на преработки, а ги користиме и во свежа и сушена форма“.
Иљо Стерјоски, собирач од с. Трново и ренџер во НП Пелистер изјави „собираме голем број на растенија од еколошки чиста и здрава средина, но има потреба од одржливо собирање на растенијата, да не се оштетуваат, а ова се однесува особено на боровинката, шипката, кои освен за домашна употреба имаат и комерцијално значење“.
Главната цел на проектот е подобрена заштита, конзервација, мониторинг и одржлива употреба на комерцијалните самоникнати растителни видови, која ќе се постигне преку мапирање и одредување на биопотенцијалот на растенијата, промоција на природните и традиционални вредности и подигнување на јавната свест за значењето на самоникнатите растителни видови во Националниот парк Пелистер и дел од Преспанскиот регион.
Проектните истражувања ќе резултираат со подготовка на физибилити студија за боровинка, развој на дигитална мапа, подготовка на прирачник за одржлива употреба на самоникнатите растителни видови со јавни информации за локациите, карактеристики на почвите и достапните количини на овие растенија.
Проектот е дел од Програмата за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ финансиран од Европската Унија, а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Проектните активности се спроведуваат со ангажирање на експерти од Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје и Шумарски факултет-Скопје. Лидер на проектот е проф. д-р Силвана Манасиевска Симиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.