22/11/2024
Македонија

Официјална посета на министерката Шекеринска на Бугарија

Македонија и Бугарија се пример за добрососедство и соработка што ја зацврстува безбедноста на целиот регион. Бугарија недвосмислено ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и ќе помогне во остварувањето на стратешките цели на Македонија – беше речено на средбите на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, во Софија.

Официјалната посета на Бугарија министерката Шекеринска ја почна со средба со бугарскиот премиер Борисов кој рече дека со преземањето на претседателствувањето со Европската унија, Бугарија ќе и ја пружи сета поддршка на Република Македонија во нејзиниот евро-интегративен процес.

На средбата во бугарското МО, министрите Шекеринска и Каракачанов изразија задоволство од продлабочувањето на соработката во одбраната.

Министерката Шекеринска рече дека последните месеци покажаа дека постои силна политичка волја за конкретна соработка, реални позитивни и пријателски односи меѓу двете земји, и една нова клима на соработка. „Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија ги интензивираше контактите во сите области. Ние сме особено задоволни бидејќи како две пријателски земји преземавме чекори за издигнување на одбранбената соработка на едно повисоко ниво“, рече таа. Изрази очекување дека во следниот период ќе се дефинираат конкретни активности во доменот на соработката на двете армии, со фокус на заедничката обука на специјалните сили.

Министерката истакна и дека претстојната седницата меѓу двете влади во Струмица ќе покаже дека соработката се продлабочува. „Локалните избори потврдија дека граѓаните се зрели и сакаат да видат решенија. За нас е важен не само резултатот на изборите, туку и извештајот на ОБСЕ кој покажа дека вербата во процесот е вратена. Ние сме фокусирани на реформите кои можат да ни помогнат на патот кон НАТО и ЕУ и на тој пат сакаме да ги искористиме вашето искуство“, порача министерката на состанокот.

Министерот Каракачанов изрази задоволство што со владата на премиерот Заев од 1 август до денес контактите меѓу Бугарија и Македонија се поинтензивни отколку во последните 20 години. Истакна дека политиката на Бугарија за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ е јасна, а таа е – категорична поддршка. Министерот Каракачанов изрази надеж дека договорот за добрососедство набрзо ќе го ратификуваат и двата парламенти. „Покажуваме дека на Балканот две земји можат да најдат заеднички јазик за напредок и на двете држави. Министерот изрази задоволство од развојот на соработката во одбраната, односно интензивната соработка на работните групи и преносот на искуства во контекст на НАТО.

Двајцата министри денеска потпишаа два билатерални документи – Изјавата за намери за развој на соработката меѓу двете воени воздухопловства како и Аранжманот за соработка за лабораториски анализи на горивата и специјалните течности.

Во рамки на посетата, министерката Шекеринска ќе го посети и Националниот воен команден центар на бугарската Армија.