07/02/2025
Македонија

Официјално отворен првиот Европски дигитален иновациски хаб во Македонија

Денеска официјално беше отворен првиот ИНОФЕИТ ЕДИХ- Европски дигитален иновациски хаб во Македонија. Сојузот на стопански комори е партнер на конзорциумот составен од трите универзитети УКИМ, УГД, УКЛО, како и останати проектни партнери-приватни компании,со вкупен буџет од 2.000.000 евра, кој се реализира со поддршка од 50% учество на државата и 50% учество на Европската унија.

Овој хаб претставува значаен чекор кон модернизација на економијата, дигитализација на бизнисите и зголемување на конкурентноста на македонските компании на европско и глобално ниво.

Еден од клучните партнери на овој проект е Сојузот на стопански комори на Македонија, кој активно работи на создавање поволна деловна средина,олеснување на пристапот до финансии за компаниите и градење на мрежа што ќе овозможи побрз економски раст.

Овој хаб ќе биде центар за иновации, дигитализација и претприемништво, кој ќе им овозможи на малите и средни претпријатија, стартапите и истражувачките институции пристап до напредни технологии и знаење, кој ќе нуди:

  • Поддршка за дигитална трансформација на компаниите
  • Современа инфраструктура и пристап до најновите технологии
  • Обуки, менторски програми и правна поддршка за стартапи и бизниси
  • Поврзување со инвеститори и партнери од земјата и странство

Со отворањето на првиот Европски дигитален иновациски хаб се очекува:

  • Зголемена конкурентност на домашните компании на европскиот пазар
  • Забрзана дигитална трансформација на македонската економија
  • Привлекување на домашни и странски инвестиции во технолошкиот сектор
  • Поддршка за развој на нови,иновативни производи и услуги
  • Создавање можности за младите и поттикнување на претприемничкиот дух

Во наредниот период, компаниите,стартапите и индивидуалните претприемачи ќе имаат можност да се информираат за начините на аплицирање и искористување на ресурсите што ги нуди хабот. Ова е одлична шанса за сите кои сакаат да го дигитализираат својот бизнис, да иновираат и да бидат дел од европските трендови во претприемништвото.


WebOhrid / 31.01.2025 / Сојуз на стопански комори на Македонија