22/11/2024
ОхридПисма/Колумни

Охрид чист како солза – на комуналците “прашинари” уште по една плата (ФОТО)

Нашиот, и на целата цивилизација град, Охрид, да чукнеме во дрво, релативно добро се носи со актуелната глобална напаст – корона вирусот Ковид-19. Тоа, не може да биде случајно. Некој, или некои, за тоа МОРА ДА СЕ ЗАСЛУЖНИ. Особено, ако се споредиме, со најблиските места, како Струга и Дебар, но, и ако го земеме фактот, дека, Охрид, сепак, не е херметички затворен град и дека има гости, или, пак, дојденци од другите места, кои си имаат, овде, своја втора, или трета дома.

Кажано со јазикот на политичарите, заслужни се и граѓаните. После почетното хаотично однесување пред супермаркетите и банките, сега, сликата е далеку подобра. Ги послушаа апелите на медицинските власти, малку нескромност, помагаа и медиумите.

Вчера, портпаролот на СВР од Охрид, м-р Стефан Димоски, во својство на претседател на Интернационалната полициска асоцијација, за регионот Охрид, им оддаде признание и им подели заштитни ракавици и маски, со симболот на асоцијацијата. За воља на вистината имаше едно избрзување кај дописничката на една национална телевизија, но нека остане само на тоа.

Нема сомнение дека локалниот кризен штаб ја држи ситуацијата во свои раце. Локалната самоуправа е на висината на задачата. Медицинските лица, после оној инцидент, кој ја чинеше смена директорката на Општата болница, исто така, се држат.

Особено се за фалба медицинарите од Центарот за јавно здравје. Екипата на д-р Сашо Точко функционира како швајцарски часовник. Уште пред појавата на овој незгоден и непредвидлив вирус, особено откако Точко ја презеде директорската палка, нема дојдете утре по резултатот”! За било што – уште истиот ден.

Среќа во среќа, или во несреќа – кој како милува, е и тоа што д-р Точко, истовремено, е и претседател на организацијата на Црвениот крст, за која, слободно можеме да кажеме, дека ги надминува македонските стандарди и се носи со најдобрите во светот.

Сепак, ако му биде дозволено на известувачот, на прво место би ги ставил комуналците. За оние што подолго паметат, Охрид никогаш досега не бил вака чист. Уште од лошитекомунистички времиња, за кои охриѓани ја прераскажуваат оваа досетка. Дошол другарoт Лазар Колишевски, во посета на партискиот комитет. Нормално, домаќинот му понудил кафе. Другарот, посакал, најнапред, да прошетаат до плоштадот, па после кафе. Кога стигнале на плоштадот, другарот му рекол: Скини ја оваа тревка и се враќаме во Комитетот. Дури и да е измислена анегдотата, нека ни служи како наук.

Додека скопјани се гушеа во смет, дури и возилата им беа затрпани со пластични кесиња, овде не можете да видете полн контејнер, а, недај боже расфрлени ќесиња.

Од почетокот на заразата, комуналците навистина работаат 24/7. Цел ден возилата поминуваат, цел ден, чистачите со канти, ги шпартаат улиците и тротоарите. Дури до неверување: барем во потесното подрачје, исчистени се просторите со зеленило пред зградите, од она што жителите со години го потфрлувале – на поминување, или од прозорците!

Покрај политичарите, во кризава и новинарите си земаат за право да апелираат, или, нешто да сугерираат, да предлагаат. Зашто да не? Во оваа прилика, со чиста душа, предлогот: на комуналците уште по една плата. Ако нема во ќесето на Охридски комуналец, граѓаните да покренат акција и да соберат средства.

Се разбира со една додавка: Само за прашинарите, термин од војската, за обичните војници. Само за оние на улиците. Останатите нека седат на работните места, дури и онаму каде чекаат ред за столче, во пренатрупаната партиска администрација, собирана на купче од осамостојувањето наваму, со сите поминати, заминати и постојни власти.

Веле Митаноски