Охрид домаќин на Државното Таеквондо ИТФ првенство
Околу 80 натпреварувачи од Македонија зедоа учество на Државното Таеквондо ИТФ првенство кое во организација на охридскиот таеквондо клуб „МАСТЕР“ се одржа денеска во Охрид.
На овој спортски настан во името на Општина Охрид се обрати советникот Горан Маркоски.
–Ми претставува голема чест и задоволство да бидам дел од ова државно Таеквондо првенство и да ве поздравам во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Нашиот град може да се пофали со многу истакнати имиња кои имаат остварено врвни резултати во оваа боречка дисциплина. Особено сме горди на младите генерации на талентирани таеквондисти од кои очекуваме уште поголеми успеси и освоени награди.
Таеквондото не е само спорт, туку и начин на живот. Тој бара од спортистите голема дисциплина, издржливост и внатрешна сила. Уверен сум дека позади натпреварувачите стојат долги часови посветен тренинг и затоа учекувам секоја денешна борба да биде исполнета со енергија, стратегија и секако искрени емоции.
Упатувам честитки и благодарност до организаторите на овој голем натпревар, Таеквон-до клубот „Мастер“, со надеж дека Охрид и во иднина ќе биде домаќин на вакви спортки случувања.
Локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да ги поддржува спортските настани и да дава поддршка на спортските клубови.
Ви посакувам успешни натпревари и одлични резултати, а до сите гости упатувам покана да го искористат својот престој во Охрид, за уживање во природните и културните убавини на нашиот скапоцен туристички бисер, истакна Маркоски.
Државното Таеквондо ИТФ првенство се организира под покровителство на Општина Охрид и Македонската Традиционална Таеквондо Федерација.