Охрид домаќин на голем спортско рекреативен настан „Жогарија – Лоптарија“
Охрид денеска е домаќин на голем спортско рекреативен настан „Жогарија – Лоптарија“ што прв пат се одржува кај нас, а по 13-пат на меѓународен план. Сто и шеесет ученици од осумте охридски основни училишта и најмладите згрижени во детската градинка „Јасна Ристеска“ со играње фудбал, три на три , игра на вештини и квиз на знаење во СРЦ „Билјанини извори“ го започнаа натпреварувачкиот дел од настанот.
Учесниците во спортските игри ги поздрави градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски кој укажа на значењето од физичката активност и спортувањето во градењето на здрави животни навики.
„Уживајте и вложувајте се во секој натпревар во кој ќе учествувате. Научете дека спортот е игра, резултатот е битен но сепак дружењето е најбитно. Нека победи најдобриот во коректните и фер игри, а ние како општина Охрид во рамки на своите надлежности секогаш ќе се трудиме да подржуваме вакви и слични спортски случувања кои се битни за сите нас.Ви посакувам да си поминете најубаво во текот на овие денови “- посочи градоначалникот Стојаноски.
На настанот се обрати и амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец кој упати неколку пораки до учесниците во спортските натпревари.
„Ние сите сме деца, вие сте мали деца, а ние сме повозрасни деца. Да го запаметите ова за цел живот, бидејќи само така ќе бидете успешни. Фер плејот е како топка, сега си горе, некогаш си долу, но секогаш треба да дадете се од себе. Да го запомните сето ова што овде ќе се случува, и вие и вашите родители, вие сте наша иднина, вие сте наша гордост. Да бидете успешни и да се сакате меѓусебно и да си помагате еден на друг.“ – порача амбасаодрот Јазбец.
Манифестацијата „Жогарија – Лоптарија“ е во организација на Медиа спорт од Словенија, а под покровителство на општина Охрид.
Славко Сагашчеќ од организациониот одбор им посочи на децата дека спортските игри не треба да се сфатат како битки туку како натпревари во кои победуваат најдобрите.
„На сите деца од училиштата и градинките им носиме игри, забава и запознавање. Се надевам дека ќе се сеќавате на Жогарија и дека во иднина повторно ќе доаѓаме овде. Најважно е дека вие сте овде да играте, а не да се борите. Обидете се да победите, но само на апсолутно чесен начин.“ – рече Сагашчеќ.
Овој спортско рекреативен настан годинава се одржува во осум држави: Македонија, Словенија, Црна Гора, Италија, Австрија, Унгарија, Хрватска и Србија.
WebOhrid