22/11/2024
Охрид

Охрид домаќин на Меѓународен фолклорен фестивал

Доцна попладнево на платото пред ЦК „Григор Прличев“ во Охрид започна меѓународниот фолклорен фестивал „Велигденски  фестивалски денови во Охрид“. На фестивалот учествуваат 6 фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Грција и Бугарија со 200 учесници.

На отворањето на настанот се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.

– Задоволство и чест е да се присуствува на отворањето на меѓународниот фестивал „Велигденски  фестивалски денови во Охрид“ што се одржува седма година по ред  во нашиов град една недела по големиот христијански празник Велигден. Најдобрите амбасадори на културата  од   шест  фолклорни ансамбли  од Македонија, Србија , Грција и Бугарија  денес и во текот на следните денови ќе го оживеат Охрид, а со тоа ќе го најават богатото културно лето  што е пред нас.  Преку универзалниот јазик на орото  и песната овој фестивал  рефлектира  мир помеѓу народите, ги искоренува баналните предрасуди и прави да сфатиме дека  уметноста нема граници, не познава  национални политики и недоразбирања.  Јазикот на  музиката  и танцот е  разбирлив на сите континенти. Целта на ваквите случувања  е да се зачува и збогати нашето фолкорно наследство, како и летната културна понуда на  Охрид. Низ разновидни песни, игри и обичаи, се гради мост на пријателства помеѓу земјите и народите, а истовремено се оживува минатото, поврзувајќи не со сегашноста.На организаторот  на овој голем културен настан, Здружението „Мултикултурна интернационална  организација за фолклорни фестивали“ –МИОФФ, му се заблагодарувам   што ни ја донесе оваа убавина во градов. На учесниците им посакувам успешно фестивалско претставување. Секако  посакувам да успеете да ги доловите убавините на древниот Охрид, колевката на словенската писменост и култура. Да посетите барем една од 365-те цркви колку што ги има во градов. Одете на Самуиловите тврдини и вратете го времето на царска Македонија или посетете  го  античкиот театар, куќата на Робевци и Уранија или галеријата на икони. Прошетајте на охридската ривиера или напијте се кафе крај езерските води. И секако  живи и здрави повторно дојдете ни кај нас– рече Божиноски.

Организатор на настанот е  Здружението „Мултикултурна  интернационална  организација  за фолклорни фестивали“ МИОФФ.