Охрид домаќин на меѓународен турнир во шах
Синоќа во Охрид свечено беше отворен меѓународниот Младински турнир во шах „ЛАСКЕР 2019“ на кој учествуваат шахисти од Албанија, Бугарија, Србија и Северна Македонија.
Турнирот за отворен го прогласи советникот од Советот на Општина Охрид, Мишел Силјаноски.
-Огромно е задоволството да се присуствува на отворањето на четвртиот меѓународен Младински турнир во шах „ЛАСКЕР 2019“ на кој учествуваат млади шахисти од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија.Велат дека умствените активности се „најдобра храна“ за психичкиот развој на младите, а токму шахот е спорт којшто го овозможува тоа.Поставување цели, идентификување алтернатива и последици се составен дел на играта.Преместувајќи ги фигурите кога играте шах морате да донесете одлуки и решите проблем. Морате да ги контролирате своите импулси и да поставите краткорочни и долгорочни цели како би имале предност и би биле победници во игрaта. А токму таква младина му е потребна на ова општество, младина која поставува цели и донесува одлуки во насока на подобар и побрз општествен развој. Прогласувајќи го овој турнир во шах за отворен им посакувам успех во играта на сите учесници со желба да победи најдобриот и најсреќниот затоа што во фер игра сите се добри и квалитетни. Секако на учесниците од неколкуте Балкански земји им посакувам пријатен престој во Охрид со желба да ги доловат убавините на Охрид кои повторно ќе ги враќаат кај нас- истакна Силјаноски.
Организатор на настанот е Шаховскиот Клуб ЛАСКЕР со поддршка на Општина Охрид, Шаховската Федерација на Македонија и неколку компании од бизнис секторот.