Охрид домаќин на Меѓународна едриличарска регата
Викендов во Охрид се одржува второто издание на меѓународната едриличарска регата „International Ohrid regatta“ што е во организација на Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид и ЕФМ.
На настанот ќе земат учество едриличари од Е.К. „Акватика Јахтинг“ и Е.К. „Снегар“ од Македонија , клубовите Ј.К. „Палиќ“, Ј.К. „Панонија 1975“, Ј.К.„Смедерово“ од Србија, Централен Софиски Јахт Клуб од Бугарија и останати клубови од соседството.
Во има на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на почетокот на регатата се обрати советникот од Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
– Дозволете да го изразам моето задоволство што денес сум меѓу вас на ова големо спортско случување со кое се продолжува туристичката сезона во Охрид. Ви блaгодарам на сите Вас мајстори на едриличарството, верни на стрмниот бран и налетот на ветрот што ни подарувате вакво спортско случување кое ги оживува нашите чувства дека летото е се уште тука и убавите сончеви денови нема да заминат.
На јужен начин, насмеани и силни , вешто напрегајќи ги платната со едра и фаќајќи го „чистиот“ ветер, секогаш создавате чувство дека сте „ кралеви на снежно-бела јахта“ и успеваате преку овој спорт да го поставите Охрид високо на меѓународната спортска карта. Јахтaрањето е сериозна активност, чини скапо во однос на вложување на труд и пари, а со самото тоа што сте одлучиле да се занимавате со него создавате услови за развој на спортскиот туризам кај нас. Токму затоа ние како локална самоуправа секогаш ќе ги поддржуваме ваквите случувања.
Почитувани учесници од Македонија, Србија, Бугарија имајте успешни натпреварувачки денови. Сите вие сте добри „акробати на вода“ но нека победи највештиот од вас.
Драги мои. Вас ви треба езерото како воздухот, како можност за вистински живот, а вие ни требате нас, затоа што вие сте двигатели на вака убави спортски настани кои и во иднина ќе ги поддржуваме.
Ви посакувам успешни спортски денови со желба до година да бидете побројни– рече Божиноски.
WebOhrid / 24.09.2022 / Општина Охрид