23/11/2024
Охрид

Охрид домаќин на Мишелин готвачот Џорџо Дијана на Таste Ohrid 2018!

За прв пат оваа година љубителите на планинските спортови и одличната храна ќе можат да учествуваат на Taste Ohrid 2018, кој ќе се одржи од 12 до 14 октомври на повеќе локации низ Охрид.

Италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, за прв пат ќе гостува во Македонија, а честа да ги пробаат неговите специјалитети ќе им припадне на сите оние кои ќе бидат дел од специјалната вечера во ресторанот на Su Hotel во сабота, на 13-ти октомври.

Меѓу другите гостински готвачи кои ќе ја збогатат гастрономската понуда се и српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ, романскиот шеф Раду Зарнеску и македонскиот шеф Дејан Карапеев. Како дел од програмата е предвидена обука на локалните готвачи на Факултетот за Туризам и Угостителство – Охрид, Гала вечера и презентација и дегустација на разни локални и морски специјалитети за посетителите на фестивалот. 

Покрај светските специјалитети кои ќе бидат понудени на дегустација за посетителите на Taste Ohrid, интересна за посетителите ќе биде и понудата на реинвентирани македонски традиционални рецепти. Имено, користејќи локални производи локалните шефови Давид Санџакоски и Никола Ангелкоски, ќе приготват нови вкусови за бесплатна дегустација на „After Work Sunset Party”, со почеток од 17 часот пред Su Hotel во петок, на 12-ти октомври.

Покрај гастрономската понуда на фестивалот, ќе бидат понудени содржини и за љубителите на адреналинските спортови и планинскиот туризам, па во рамките на спортскиот дел од фестивалот посетителите ќе можат да уживаат во прекрасните предели на националниот парк Галичица и Охридското Езеро преку организираните тури за велосипедизам

Секако, покрај гастрономското уживање и  спортските активности во текот на денот и попладневните часови, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а за таа цел ќе бидат организирани забави низ повеќе локални барови и ноќни клубови во Охрид.

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е организиран од Општина Охрид и ЕДЕН – туристички кластер за југо-западна Македонија, а поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Повеќе информации и пријавување за велосипедските тури на веб страната www.tasteohrid.mk