Охрид домаќин на првото државно првенство Таеквондо ИТФ
Денеска во Охрид се одржа првото државно првенство Таеквондо ИТФ во организација на охридскиот таеквондо клуб „МАСТЕР“, а под покровителство на Општина Охрид.
Во натпреварувачкиот дел од настанот учествуваа 63 натпреварувачи од 5 клубови од Македонија: „Мастер“ од Охрид, „Хва Ранг ИТФ“ од с. Лескоец, ИТФ клубот “Чонџи“ од Косел, ИТФ клубот „Сонкал“ од Мислешево – Струга и „Ахилиус“ од Скопје.
При официјалното отворање на првенството пред присутните се обрати заменик градонaчалникот, Перчо Божиноски:
– Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на верната публика и на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денеска за прв пат, со финансиска поддршка на Локалната самоуправа се организира еден ваков голем спортски настан. Денес со овој настан испраќаме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој.Со својот незапирлив спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси.Живееме во време со многу предизвици. Живееме во хиперповрзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сето ова стресно влијае на сите нас, и токму затоа сметам дека вакви спортски случувања ни се повеќе од неопходни. „Актерите“ во спортот ја јакнат физичката и психичката кондиција, а во исто време се рекреираат и забавуваат.Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни, така ќе биде и во иднина- рече Перчо Божиноски.
На настанот присуствуваа и претставници од Агенцијата за млади и спорт.
WebOhrid / 11.03.2023 / Општина Охрид