Охрид го чествуваше великанот Живко Чинго
Синоќа во атарот на црквата Св. Петка во Велгошти, се одржа традиционалната културна манифестација “Вечер на Живко Чинго“, посветена на големиот писател. Манифестацијата беше одбележа со доделување на наградата за најдобар расказ на авторката Јована Матевска Атанасова за расказот “Пура во Осака“ и промоција на антологиската “Книга за Чинго“ подготвена од проф. д-р Димитар Пандев и проф. Славе Ѓорго Димоски.
Од името на Општина Охрид пред присутните се обрати, претседателката на советот на општината, Живка Ангелоска.
– Почитувано семејство на Живко Чинго, почитувани дами и господа, драги пријатели,
Волшебната Пасквелија и оваа година не собра на едно место, за да искажеме должна почит, на магот на пишаниот збор, најголемиот македонски раскажувач, еден од најголемите синови на Велгошти и Македонија, вечниот Живко Чинго. Чествувањето на великанот преку манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“, ја покажува нашата сегашна определба, а воедно е и аманет за идните генерации, делото на големиот книжевник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија. Со вечерашново чествување, исполнуваме само мал дел од обврската кон сите великани кои оставиле културен и цивилизациски белег во милениумската историја на Охрид и Македонија, а Живко Чинго е во самиот врв на таа листа на достоенственици. Веќе неколку децении, Конкурсот за најдобар расказ, што го распишува Општина Охрид, е во врвот на македонските книжевни манифестации. Секоја година расте конкуренцијата и во бројот на пристигнати раскази и во литературниот израз, што покажува дека ликот и делото на Живко Чинго се слави на најсоодветен начин. Неговото творештво е во врвот на македонската литература, а преку преводите е значаен дел од светското книжевно наследство. Почитувани присутни. И вечерва како и секоја година, кон сите, а посебно кон идните генерации, замолница и аманет: Читајте го и славете го творештвото на магичниот раскажувач, нашиот вечен Живко Чинго – истакна во своето обраќање Ангелоска.
Лауреатот за најдобар расказ Јована Матевска Атанасова, која втора година по ред ја добива престижната награда, истакна дека за неа ова е огромна чест и врв на досегашната нејзина писателска кариера.
За првото издание на “Книга за Чинго“, зборуваше проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Димитар Пандев. Во неа се поместени бројни прилози на домашни и странски писатели и литературни критичари, кои фрлаат нова светлина врз великанот Живко Чинго. Вечерта беше збогатена со извонредниот музички перфоманс на младите академски музичари Даниела Петкоска и Милош Дрпа.