Охрид го доби првиот Младински Центар
Денес, 12 октомври 2022 година, Општина Охрид и Коалиција на младински организации СЕГА официјално го отворија Младинскиот Центар во Охрид, во Касарна Охрид (влез 1, кат 1).
Младинскиот Центар Охрид е место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите (согласно член 22 од Законот за младинско учество и младински политики).
„Верувам дека младите од Охрид со нивната енергија и елан, овде ќе имаат оптимални услови за развивање на креативни идеи и реализација на проекти од најразлични области, а со тоа ќе имаат лична и професионална сатисфакција за својот ангажман.“ – изјави Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
„Денес во Охрид, го отвораме Младинскиот Центар кој што е во согласност со стандардите на европските центри за млади. Центарот ќе овозможи место каде младите квалитетно ќе го искористуваат слободното време, но и ќе ги надоградуваат своите знаења и способности, притоа придонесувајќи кон подобрување на квалитетот на живот на младите во Охрид.“, истакна Зоран Илиески, Извршен Директор на СЕГА.
Коалиција на младински организации СЕГА е избрана младинска чадор организација која ќе раководи со Младинскиот Центар Охрид во период од 3 години со поддршка на Општина Охрид.
WebOhrid / 12.10.2022 / Коалиција на младински организации СЕГА