23/11/2024
Охрид

Охрид подготвен за „Езерска средба“ на ветераните од одбраната и безбедноста

Охрид е подготвен за манифестацијата „Езерска средба – Охрид 2018“ што ќе се одржи во сабота на 24 март во организација на огранокот на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, а под покровителство на градоначалникот Јован Стојаноски. На средбите покрај гости од земјава ќе присуствуваат и претставници на сродни здруженија од Албанија, Бугарија и Србија.

На денешната прес конференција што се одржа по тој повод беа изнесени деталите за случувањата во сабота.

Секретарот на општината, Игор Бежоски се осврна на значењето и придобивките за Општина Охрид од организирање на вакви манифестации.

„Убедени сме дека со оваа манифестацијата, која се организира во рамките на одбележувањето на 10-годишнината од успешната работа на Општинската организација на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста од Охрид, се отвораат нови можности за соработка и промоција на нашиот град во регионот. На „Езерската средба“, како што е најавено, покрај ветераните од западниот дел на Република Македонија, ќе учествуваат и гости од здруженија на ветерани од Република Албанија, Република Бугарија и Република Србија. Имајќи ги во вид бенефитите од организирањето на вакви средби, градоначалникот Јован Стојаноски, ги покани да учествуваат и градоначалниците од градовите околу Охридското и Преспанското Езеро. Тоа ќе биде можност за разговори за резултатите од досегашната, пред се прекугранична соработка, како и за нови заеднички проекти кои би биле поддржувани од европските фондови. Се надеваме дека ваквите средби на ветераните од одбраната и безбедноста ќе прераснат во традиционални, а веројатно ќе ги мотивираат и гостинските здруженија од земјите од соседството да организираат слични манифестации во своите средини.“ – рече Бежоски.

Претседателот на Општинската организација на ветераните од одбраната и безбедноста, Добре Вељаноски посочи дека манифестацијата „Езерски средби – Охрид 2018“ започнува во сабота во 9 часот наутро со спортски активности пред бараките наспроти хотел „Гарден“. Централниот настан на одбележувањето ќе биде Свечената седница што ќе се одржи во големата сала на општина Охрид со почеток во 14:00 часот на која е предвидено да се обрати и градоначалниот Јован Стојаноски кој е и покровител на манифестацијата.

На седница ќе учествуваат високи претставници на сродните национални асоцијации од Република Бугарија, Република Албанија и Република Србија. Се очекува и присуство на градоначалници од Струга, Ресен, Дебрца, Вевчани од македонска и Корча, Елбасан, Пешкопија и Берат од албанска страна.

На свечената седница ќе бидат доделени дипломи,благодарници и признанија на соработници, гости и заслужни членови на асоцијациите на ветераните.

За гостите од земјава и странство општина Охрид организира посета и разгледување на културно-историските знаменитости во старото градско јадро.

Манифестацијата „Езерска средба – Охрид 2018“, се одржува во соработка со Локалната самоуправа од Охрид, а под покровителство на градоначалникот, д-р Јован Стојаноски.