Охрид повторно хуман: ранци и целосен прибор за100 првоодделенци
Градот Охрид уште еднаш ќе го потврди епитетот – хуман. Стотина првачиња и годинава ќе добијат нов ранец со целосен прибор за среќен почеток на учебната година.
Ова е само продолжување на идејата од минатата година за првачињата од социјално загрозените семејства, за да имаат среќен почеток на учебната година. Лани им помогнавме на 96 првачиња од Општина Охрид, чии што родители немаат доволно средства за да им го обезбедат потребниот училишен прибор, објаснува иницијаторот Ивана Маховска Шикалеска.
– Јас морам да испратам благодарност до градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, кој овозможи да се реализира оваа донација, но и до сите хумани граѓани кои несебично не поддржаа и помогнаа истата да помине во најдобар ред. Директорите на училиштата ќе им ги поделат ранците на нашите другари кои за прв пат седнуваат во школските клупи. Нивната насмевка е се` она што е важно и што останува, затоа што за децата се работи, вели Маховска Шикалеска.
Додава дека основната цел на акцијата е да им се овозможи среќен и безгрижен почеток на школската година на овие првачиња.
– Освен што ми е особено драго што годинава Градоначалникот на општина Охрид во целост ја поддржа акцијата, драго ми е што се јавуваат и се повеќе хумани граѓани на Општина Охрид кои сакаат да помогнат за дечињата од сите, од градот, но особено на првачињата од училиштата во руралните средини, каде овој проблем е поизразен, истакна Маховска во име на организаторите на овој настан.