Охрид привлечен за странските гости, а охриѓани бираат дестинации надвор од државата
Со наближувањето на Новата година, но и зимскиот распуст за учениците, нашите сограѓани се подготвуваат за зимски одмор. Некои уште од поодамна, некои во последен момент се одлучуваат каде ќе ја поминат „најлудата ноќ“, а многумина новогодишната прослава ја поврзуваат и со зимувањето.
Туристичките агенции од Охрид велат дека во споредба со минатата година побарувачката за време на новогодишните празници е зголемена, а се поголем е интересот за дочек на Новата година надвор од границите на нашата држава. Најмногу заинтересираност има за европските метрополи – Истанбул, Виена, Прага, Будимпешта, Милано, Париз и за соседните држави.
„За дочек на Новата 2018 година, во понудата на нашата агенција беа понудени аранжмани за повеќе различни дестинации. Најголем интерес има за Турција. Го нудиме Истанбул со автобуски и авионски превоз. Голема заинтересираност има и за аранжманите за Будимпешта, Прага, Виена, Венеција, Дубровник, Париз и Израел, а помала заинтересираност од понудата има за Дубаи, Малта, Њујорк. Исто така, актуелни се и спа-центрите во Сандански, како и понудите за ски центрите во Бугарија и Србија.“ – вели Оливера Ничевска, генерален менаџер на Туристичката агенција Травео – Охрид.
Годинава Бугарија е најбарана и најпосакувана дестинација за зимување. Љубителите на снегот резервираат за Банско, Боровец и Пампорово, а интерес има и за Копаоник во Србија и за австриските скијачки центри.
„Нашата агенција оваа зима подготви богата понуда за зимување во скијачките центри во соседна Бугарија – Банско, Боровец и Пампорово, а исто така и во Копаоник и Златибор – Србија. Нудиме хотели и спа центри за кои има early booking попусти, пакет аранжмани и организиран превоз. Во понуда се и скијачките центри во Австрија и Франција. Помал е интересот за зимување во македонските зимски центри.“ – додава Ничевска.
Охрид веќе е потврдена атрактивна балканска дестинација за новогодишните празници со празничен амбиент и богата забава. Најголема заинтересираност постои од соседните земји, пред се Србија, Бугарија, Црна Гора и Албанија кои традиционално го избираат охридското крајбрежје за новогодишните празници.
WebOhrid