26/11/2024
Писма/Колумни

Охрид ЅОЅ: Кога науката зборува, се молчи и се слуша марина во Студенчишко блато не смее да има!

Претставници на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ учествуваа на презентацијата на проект за „општествено одговорно управување“ со Студенчишко Блато, организирана од архитектонското студио „Тетрактис“. За една година ова е втор предлог на „Тетрактис“ кој ретерира од првичната идеја и локација и сега претставува план далеку поголем и помегаломански од само една „мала марина за едрилици“.

Разгледувајќи ја веб-страницата на „Тетрактис“ ДООЕЛ не можевме да најдеме проекти кои го покажуваат искуството на фирмата во вакви деликатни екосистеми. Напротив, има неколку проекти кои се токму од тие кои се штетни за животната средина. Впрочем, и самото лого на фирмата го покажува токму тоа – повеќе урбанизација, помалку природа.

Парадоксално, студиото, кое себеси се опишува како „прогресивна и современа заедница на архитекти“, упорно презентира предлог за уназадување на екосистемот на Студенчишко Блато. Нема ништо прогресивно во штетна урбанизација на милиони години стар екосистем, чиешто уништување значи уништување и на Езерото. Во суштина идејата на „Тетрактис“ е инвазивен упад во драгоцен и последен од својот вид функционален екосистем. Наводниот „одржлив“ економски модел опфаќа 1.000 паркинг места за возила (тоа се 4.000 посетители!) и стотици паркинг места за пловни објекти на секаков тип на гориво. Тоа значи драстично зголемено количество на отпад, драстично зголемено количество на токсични материи, потенцијални хаварии, што предизвикуваат загадување на водата, зголемена бучава, трансформација и фрагментација на живеалиштата, но и вештачки бранови што ќе го нарушат животот во езерскиот литорал, а водат до ерозија на брегот, зголемување на седиментите како и намалена бистрина на водата со што директно се влијае врз опстанокот на рибите. Неколку од овие појави ја потпомагаат еутрофикацијата, односно деградацијата, на езерските води. Сиот овој непотребен и дополнителен антропоген притисок ќе се предизвика во и онака деградираната средина на Блатото. Дилетантизмот и комплетната неупатеност на „Тетрактис“ отиде дотаму што го споредија Охридско со езерото Ферто на границата меѓу Австрија и Унгарија кое е впишано на листата на УНЕСКО како културно наследство, не природно! Да се споредува древен екосистем што го носи епитетот Балкански Галапагос со културен пејзаж е несреќен обид за исклучително провидна манипулација со јавноста.

Оттука, би биле преблаги ако кажеме дека идејата на „Тетрактис“ – да се прокопа Блатото за марина – е многу далеку од доменот на општествено одговорното управување, но затоа, многу длабоко во доменот на приватните лични интереси на само неколкумина сопственици на пловни објекти во Охрид.

И покрај спротивноста на идејата на „Тетрактис“ со декларативните заложби на актуелната владејачка гарнитура, на наше „огромно изненадување“, Power Point презентацијата ја поддржало Министерството за култура на РМ со цели 80.000 денари во рамки на годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес (?!) во културата за 2019 година. Сепак, и покрај тоа што „проектот“ е финансиран со народни пари, изработувачот „Тетрактис“ одби да го достави до Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Она што се плаќа со јавни пари не може да не биде јавно достапно!

Да биде апсурдот поголем, недостоинственото решение на „Тетрактис“ не го поддржало само Министерството за култура, туку и Општината Охрид. Според изјавите на општината „Општина Охрид нема доставено барање за изработка на проект за ревитализација на Студенчишко Блато. Тоа е идеја на фирмата ‘Тетрактис‘, но секој предлог за зачувување на овој споменик на природата има наша поддршка”. Нагласуваме дека Општина Охрид не покажа ни трошка од овој романтичен ентузијазам за Проектот за заштита, ревитализација и туристичка интеграција на Студенчишко Блато што Охрид ЅОЅ го достави уште во јануари 2018 г., а кој го изработивме бесплатно токму по предлог на Општината. Општина Охрид континуирано избира да удоволи на секакви бизнис хирови, без стручна анализа, додека едновремено е вклучена во процесот за прогласување на Студенчишко Блато за Споменик на природата.

Од хаотичните, некоординирани и контрадикторни активности на институциите е сосема јасна нивната (не)подобност за управување со регионот. Сосема е јасно дека отсуствува секаква способност за визионерско и стратешко планирање. Едноставно се нема големата слика за иднината на Охрид и, што е најстрашно, се нема поим што значи концептот на одржлив развој и зошто штетната урбанизација во светот веќе се смета за застарена практика која припаѓа во минатото.

Науката е едногласна по прашањето за одржливиот развој. Едногласна е и по прашањето за улогата на блатата во одржувањето на условите за живот на земјата. Студенчишко Блато нуди огромна палета на екосистемски услуги: подобрување на квалитетот на водата, задржување на јаглерод диоксид, намалување на опасноста од поплави, средина за мрестење и сево ова го добиваме бесплатно! Поради сето претходнонаведено, близу педесет светски научници специјализирани за блатни екосистеми, од 18 земји од светот, едногласно усвоија Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро во мај 2018 г. во Охрид.

Веќе добивме јасно предупредување од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, кој оваа година во својот нацрт-извештај предложи регионот да се премести на Листата на светско наследство во опасност. Во последниот извештај на IUCN за Охридскиот Регион, како приоритетна потреба на подрачјето се наведува: „обнова на блатните екосистеми“. Неконтролираната урбанизација УНЕСКО ја препознава како една од најзагрозувачките активности за Охридскиот Регион, а узурпацијата на подрачјето на Студенчишко Блато ќе биде уште еден еклатантен пример за тоа. Реактивната мисија на УНЕСКО во обврзувачката препорака бр. 17 вели: „задолжително е да се спроведува програма за редовен мониторинг на биолошката разновидност и ригорозно да се спроведува легислативата поврзана со заштита на загрозени и ендемски видови“. Марина во Студенчишко Блато е во целосна спротивност со оваа обврзувачка препорака.

Понатаму, неопходноста од целосна и соодветна заштита на Студенчишко Блато е одразена во приоритетите од Третиот извештај за напредок во област животна средина за Македонија, каде што се вели дека е нужно значително подобрување и унапредување на економските инструменти за заштита на животната средина, како и завршување на процесите за ревалоризација и репрогласување на постојните заштитени подрачја и спроведување на ажурирани политики за зачувување на биолошката разновидност и заштита на животната средина. Во овој контекст, во тек е изработката на Студијата за валоризација на Студенчишко Блато, иницијативата за впишување на Охридското Езеро и Студенчишко Блато на Рамсар листата на водни живеалишта од меѓународно значење, како и Стратегиската оцена за животна средина и Планот за управување со Охридскиот Регион, предвидено е да се направи ревалоризација на Охридско Езеро и да се донесе посебен закон за него. Марина во Студенчишко Блато е во целосна спротивност со сите овие процеси.

Студенчишко Блато мора одржливо да се управува, а тоа значи дека единствен туризам кој таму може да се одвива е научниот, едукативниот, но не и масовниот, а сигурно не елитниот. Студенчишко Блато има огромен потенцијал за обезбедување целогодишни приходи во општинската каса и затоа надлежните не смее да дозволат да се третира како нечиј двор, а уште помалку како паркинг место за неколку ситни капиталисти за кои Блатото е поплавена ливада на која ќе може да си ги сместат на безбедно скапите играчки. Во Националната стратегија за биолошка разновидност се предупредува дека: „некои од блатата се соочуваат со директен ризик од конверзија, а последен пример се плановите на Општина Охрид за изградба на марина во просторот на Студенчишко Блато“ и дека Студенчишко Блато е едно од: „најзагрозените низински блатни/водни живеалишта“ во Македонија. УНЕСКО регионот е национално богатство, јавно добро кое му припаѓа на светот и не може за неговата судбина да одлучува каприцот на шака богати опортунисти. Недозволиво е секој да си предлага проекти според својата фантазија и желби без соодветни сеопфатни и темелни мултидисциплинарни стручно-научни анализи, без кои, каков било проект од овој тип е само произволна, неоснована цртачка вежба.

Сосема сме согласни дека на Блатото му е потребна итна интервенција, но не во насока да се гради туку во насока да се исчисти (извади) вештачки нафрланиот шут и отпад, да се дислоцира комуналното претпријатие со расадникот, езерската полиција и Центарот за обука на води на АРМ како и постоечките хаварисани пловила оставени во каналот од страната на Блатото и да се воспостават соодветни канали за комуникација со Езерото за да се врати нивото на водата неопходно за негова ревитализација. Тоа мора да се направи со највисока технологија и под надзор на претставници од Рамсар бидејќи во Македонија сѐ уште нема стручни лица строго специјализирани за блатни екосистеми. Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ бара да биде присутна на секоја, и најмала, интервенција врз Блатото.

Охрид ЅОЅ никогаш се нема противено на развој кој е одржлив. Секако дека паралелно со заштитата на природата, регионот мора да се развива економски и туристички, и секако за пловилата на езерото потребно е пристојно место каде што ќе бидат паркирани и заштитени. Но, би сакале да нагласиме дека дозволениот број на пловила, изворите на енергија кои се нештетни и решението за нивно паркирање, мора да ги диктира науката. Во спротивно, со закани како луксузните хотели на север, марина на југ, кафеани на запад и 1.000 нови паркинг места на исток, Блатото оставено на милост и немилост во епицентарот на човечката површност нема уште долго да трае. Науката е децидна, марина во Блатото и во негова близина не смее да има! И секој што му мисли добро на Охридското Езеро е категорично против марина во Студенчишко Блато.

Забелешка: Охрид ЅОЅ ќе испрати официјално протестно писмо до сите надлежни институции во земјава и во странство.

Со почит,

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.