20/02/2025
ОхридПисма/Колумни

Ohrid SOS: Паркинг наместо парк?

Зелените површини заземаат значителен процент од детските градинки и основни училишта во Охрид. Тие се своевидна природна бариера од околината, место за настава и активности на отворено. Се чинеше дека нема да бидат мета на градежната мафија, но во последниов четврт век во Охрид сè е можно, па така, во централното градско подрачје, спротивно на здравиот разум, некој сака да гради приватни станбени објекти на државно земјиште. Првото црвено знаменце е податокот дека Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 е нарачана е ООУ „Григор Прличев“ – Охрид. Со кој аргумент институција основана од општина Охрид би се откажала од безмалку целиот парк зад старата училишна зграда, за на тоа место да се направи паркинг за автомобили од станарите на вцртаниот станбен објект? Второто црвено знаменце е податокот дека планската програма е изработена од фирма чиј управител е Божо Илоски, кој е сопственик на градежна фирма. Ваквата шема не се случува овде за првпат, сигурно се сеќавате на локацијата на некогашната фабрика за мебел „Треска“ во Скопје, каде истата фирма ја изработи планската програма а потоа градежната фирма во негова сопственост ги изведува дел од новите објекти. Крајот делото го краси, па општината треба само да го донесе или усвои овој план.

На цртежот во прилог е внесено постојното зеленило кое припаѓа на основното училиште (паркот со децениските стебла, дрворедот на влезот од улицата „Димитар Влахов“ и мал зелен појас кај котларата), зеленилото и градината од приватната куќа и зелениот појас и децениските стебла на паркингот до Маларична. За да се направи дистинкција, секое е означено со различна нијанса на зелена боја. Како што може да се види, постојното зеленило зафаќа повеќе од половина од оваа „нова“ катастарска парцела. Но во планската програма сето тоа ќе се уништи и бетонира. Свесна лага дека со планот се унапредува урбаното зеленило. Како? Во општите и посебни цели на документот никаде го нема зеленилото. Тоа не е внесено ниту во графичкиот прилог. Но на изготвувачите не им е воопшто важно што Охрид има највисоко ниво на аерозагадување, не се битни дрвјата како филтри, зелените површини, битно е да се гради што повеќе. Овој простор денеска е отворен, детската градинка, училиштето и Маларична не се високи објекти, најголем дел зафаќа паркот, а просторот помеѓу е паркинг за потребите на брзата помош, со децениски стебла.

Претходно веќе објавивме дека овој ДУП се коси со Планот за управување со светското наследство. Имено, во Стратегиската оцена на влијание врз животната средина (СОЖС) само површно е извадени информации за дозволена катност и процент на изграденост. Copy-paste од Планот за управување, не значи анализа на влијанието врз наследството! Да повториме, ако во планот стои дозволена катност П+4 и максимална изграденост 50%, тоа не значи дека одреден ДУП треба да оди на максимално искористување. Напротив, тоа се само горни граници, а урбанизацијата се определува согласно условите на средината и неопходната заштита. Тоа го нема во случајов бидејќи изработувачот на СОЖС пропуштил да препознае дека овој ДУП не е во согласност со Планот бидејќи овој ДУП не ја почитува хармонијата на целината и новата градба не е со „габарит кој е усогласен со контекстот“ и “ја нарушува визуелната перцепција кон целината Старо градско јадро“, и нема „силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат“.

Стратегиската оцена на влијание врз животната средина не може да служи како арбитер за почитувањето на планот – за секоја измена на ДУП мора да има позитивно мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион! Тоа е согласно законот за управување со светското наследство кој Општина Охрид во пракса или го крши или во најдобар случај го изигрува. Овој ДУП се изработува согласно Генералниот урбанистички план на Охрид 2002-2012, кој не само што е застарен, најважно од сè, не е во согласност со мерките за заштита на светското наследство на УНЕСКО т.е. е една од причините поради која „градот на УНЕСКО“ е де-факто загрозено светско наследство. Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 па и СОЖС ако сакате се полни со небулози, дури и со апсурдни моменти, контрадикторни информации, фаворизираат или одобруваат уништување на постојните урбани целини, камуфлирано со празни зборови, куп некакви „стручни“ податоци, истите општи или генерални податоци за регионот ставени тука само формално, да створат слика за некое високо ниво на изготвените документи, или само да го збунат обичниот граѓанин и да го оттргнат од суштината – а тоа е узурпација на државно земјиште за да се гради приватен станбен објект, уништување на културното наследство, уништување на битното урбано зеленило и комплетна бетонизација на целата локација. Ова се прави свесно, од страна на институциите, кои наместо јавниот интерес го штитат упорно приватниот. 

Охрид има сè помалку зелени површини, скоро секој ден се сече по едно дрво, или се губи некој двор, парк, зелена зона, која е заменета со зграда, околу неа бетон или асфалт. Алармантно е тоа што не се почитува ни законскиот минимум за зелени површини на градежните парцели иако во СОЖС јасно стои дека треба да биде 20%. Во графичкиот дел на овој ДУП од вкупната површина од 30.260 м2, за зелена површина се предвидени смешни 155 м2! Согласно законот, тоа може да биде и во форма на саксиска грмушка. Додека некогаш помеѓу станбените објекти имаше простор за дрвја, паркови, тревници, денеска не се почитува ни тоа, објектите се редат еден до еден. Охрид наместо урбанистички складен, приличува на една голема фавела. Град каде што наместо од национален интерес да се парковите, тоа се паркинзите и катните гаражи (во контактна зона на старото градско јадро). И тука, согласно СОЖС, ништење на децениски стебла и изградба на четирикатница, треба некако чудотворно да придонесат за унапредување на квалитетот на живот и подобрување на здравјето на луѓето. Согласно Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023-2030), државата веќе требаше да има Национална методологија за изработка на Оцена на влијание врз природно и културно наследство согласно „Водичот за оцена на влијанијата во контекст на светско наследство на УНЕСКО“ што би гарантирало дека оцените за влијанието да бидат професионални и соодветни на потребите согласно вредностите на регионот и со тоа требаше да се стави крај на уништувањето на светското наследство на Охрид. Колку е неопходно да се има таква методологија, пластично ни го доловува примерот со овој ДУП и СОЖС изработена за него.