06/03/2025
ОхридПисма/Колумни

Охрид SOS: Современо архитектонско наследство (во опасност)

Името Љубен Најденов веројатно не ѝ е познато на охридската јавност, иако значаен дел од неговиот авторски опус е поврзан со поновата историја на Охрид и Струга. Ретки се и локалните архитекти и урбанисти кои знаат дека тој е авторот на старата училишна зграда на OОУ „Григор Прличев” во Охрид, изградена во 1958 година.

Љубен Најденов е роден во Горна Џумаја во 1930 година. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1954). Магистрирал на Универзитетот во Беркли, САД (1965). Бил редовен професор на Архитектонскиот отсек. Освен со педагошка и публицистичка дејност се занимавал и со архитектонско проектирање. Учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. Неговиот опус е богат и разновиден, а најзначајни се: хотелот „Ривиера“ во Охрид (1959); Стоковната куќа во Охрид (1961); Домот на културата во Делчево (1971); хотелот „Дрим“ во Струга (1973-77), заедно со архитектот Андреј Токарев; Клиниката за кардиологија во Скопје (1978). Објавил повеќе трудови што ја третираат проблематиката од областа на проектирањето на училишни објекти. Починал во 1979 година во Скопје. Во чест на неговите заслуги за македонската архитектура, Друштвото на архитектите на град Скопје доделува награда (Повелба) која го носи неговото име.

Основното училиште „Григор Прличев“ е лоцирано во центарот на Охрид, но сепак во релативно мирен дел од градот, опкружен со зеленило, образовни објекти (помеѓу две средни училишта и детска градинка), јавни установи и сл. Училишната зграда, проектирана од архитект Љубен Најденов, со своето програмско решение и функционалност е пример за современо решавање на ваква типологија на објекти. Со своите формално-обликовни принципи го надополнува просторот, давајќи му една уникатна визуелна нота. Со својата височина (П+1) не ги нарушува останатите објекти, меѓу другото објектот на Маларична амбуланта и старата градска куќа на ул. „Димитар Влахов“. Помеѓу нив има доволно простор, каде се наоѓа училишниот парк.

Иако во суштина станува збор за издолжен блок поставен во правец исток-запад, неговиот волумен кон јужната страна, каде всушност се позиционирани училниците, е умешно расчленет на еднакви кубични модули ротирани под 45°, со кои неговата структура се уситнува и доведува во контекст на наследената архитектонско-урбанистичка средина. Понатаму, катот е повлечен во однос на приземјето за цел еден распон, што дополнително влијае на ненаметливата естетика на објектот, како и на игрите на светлина и сенка. Воедно, вовлекувањето на модулите на катот овозможува секоја училница на ова ниво да има сопствена пространа тераса која се развива врз покривот на соодветниот приземен модул. Училниците од приземјето, од своја страна, се директно поврзани со паркот, веројатно со иницијална намена за настава или активности надвор. Поставеноста на училниците на јужната страна од објектот, а дополнително и ротирањето на кубичните модули за 45°, резултира со нивна обилна осветленост од природна светлина и доволно сонце; впрочем Охрид е познат по огромниот број сончеви денови во годината.

Сето ова придонесува објектот на ООУ „Григор Прличев“ да поседува исклучителни квалитети, не само во однос на својата примарна функција, туку и како архитектонски белег на едно време – модерната архитектура од средината на XX век. Со новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 овој објект е планиран за рушење а на негово место е предвиден објект со многу поголем обем. Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, или оној модернистички период, постои опасност тој да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина и објектот на Маларична. Со ова ќе се загуби уште вреден објект од Модерната, а Охрид дополнително ќе загуби значајно културно наследство и дел од својата колективна културна меморија.

(фотографијата е преземена од публикацијата „Македонска архитектура“, Музеј на современата уметност Скопје 1974 – дигитализирано од Архива ЗаУм)

Охрид SOS

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност