22/11/2024
Охрид

Охридската гимназија домаќин на Ерасмус+ средба

По долгата пауза, Ерасмус+ проект наречен ECHOSET продолжи на големо задоволство на сите учесници. Спојување на малите европски градови, чувари на локалната традиција, преку културното наследство, е тема во која се пронајдоа сите шест земји учеснички.

Неделата на мобилност во Охрид, ја врати надежта дека животот се враќа во нормала, бидејќи младите тешко ја поднесуваа изолацијата па ниту вакцинација, тестирања по аеродромите не беа пречка за учесниците од Хрватска, Полска, Германија, Шпанија и Литванија да допатуваат во Македонија.

„Огранизациски предизвик да се биде домаќин на 30 ученици и професори во овие услови, кога ситуацијата се менува од ден во ден, успешно го положивме, на наше големо задоволство кое произлезе од задоволството на нашите гости кои заминаа со позитивни впечатоци и желба да се вратат повторно.“, сподели Алберта Гулицовска, координатор на проектот, придружувана од проф. Јане Богоески, од тимот на охридската гимназија.

Посета на културно историски локалитети и споменици, беше проследена со интерактивни презентации и работилници по македонски јазик, традиционалните инструменти, танци, народни носии. Периодот на мобилноста се совпадна со Денот на пронаоѓачите, кој голем број на земји на светот го прославуваат на 29 септември (има отстапувања па Србија го слави на денот на раѓање на Тесла, Германија на денот на раѓање на Хеди Ламар). Секоја земја се претстави со своите научници, а охридските гимназијалци гостите ги запознаа со делото на Михајло Пупин.

Благодарност до сите инволвирани чинители од охридската чаршија, локалните занаетчии од Музеј на филигран на Вангел Деребан за презентација на вештините на филигранството, Охридски бисер Филеви и Национална работилница за рачна изработка на хартија, кои на гостите им го доближија процесот на изработка на нивните производи, за одзивот и спремноста за соработка, како и секогаш. Потоа, НУ Завод и музеј Охрид, Музеј Д-р Никола Незлобински од Струга, НУ Завод и музеј Битола, OУТУ „Ванчо Питошески” за претставување на националната кујна подготвена од нивните ученици и целиот угостителски сектор за висок професионализам кој придонесе Охрид да блесне во сиот свој сјај.