Охридскиот Црвен крст доби високо признание за успешно спроведување на ЦКА-ПХВ програмата
На пригодна свеченост која се одржа денеска во Цeнтарот за култура „Григор Прличев” на Црвениот крст од Охрид, му беше доделно високото признание „Пехар за 2019 година” за успешно споведување на програмата „Црвен крст во акција–Промоција на хумани вредности” (ЦКА-ПХВ).
Од вкупно 150 проекти изработени од организации на Црвен крст во целата држава, најбројни, најуспешни и највисоко оценети биле шесте проекти кои ги изработиле 40 млади волонтери од охридскиот Црвен крст. Во рамки на имплементацијата на овие проекти биле реализирани хумани активности, со кои им била пружена помош на повеќе од 100 лица од ранливата категорија на граѓани.
На свеченоста за доделување на пехарот во името на Општина Охрид, се обрати Советникот во Советот на Општина Охрид, Мишел Силјаноски, кој покрај честитките за освоената награда, на младите хуманисти им посака поголеми успеси во иднина и реализаиција на уште многу други креативни и хумани проекти.
„Црвен крст во акција–Промоција на хумани вредности” (ЦКА-ПХВ) е програма која веќе дваесетта година се реалиизра во Македонија од страна на организациите на Црвениот крст. Целта е вклучување на младите во заеднички проекти за изградба на взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество.