Охриѓанецот Климент Грозданоски го освои бронзениот медал на WAKO светското кикбокс првенство
Климент Грозданоски го освои бронзениот медал на WAKO светското кикбокс првенство Минатата седмица во Анталија, Турција се одржа WAKO светското сениорско кикбокс првенство, каде Македонија зеде учество со тројца кикбоксери, од кои двајца се закитија со бронзен медал во соодветните категории. Климент настапи во дисциплината Киклајт (-89 кг), каде го подели третото место со Швеѓанецот Маркус Јохансон, губејќи во полуфиналето од полјакот Пјотор Випчал. Претходно во елиминационите борби го совлада претставникот на Азербејџан, Али Багирзада и претставникот на Италија, Јаноне Аниело. Покрај Климент, со бронзен медал се закити и Димитар Георгиев, во категорија (-84 кг) во дисциплината Киклајт, каде го подели третото место со италијанецот Рубен Борело. Нашиот најмлад натпреварувач Стефан Михајловски (+94 кг) загуби во елиминациските борби со поделена судиска одлука против претставникот на Италија, но сепак прикажа голема борбеност и нијансии го делеа за понатамошен пласман.
„Ми претставуваше особена чест да се натпреварувам за Македонската кикбокс федерација на ова првенство, кое беше едно од најмасовните и најдобро организирани првенства. Подготовките беа навистина напорни и траеа цели три месеци, а посебен предизвик беше меѓусебното организирање, при што мораше да ги ускладиме нашите работни обврски за да ги одработиме заедничките тренинзи. Последната проверка беше Балканскиот куп кој се одржа во Ниш една седмица пред светското првенство, каде настапив под капа на мојот матичен клуб Гладијатор-Скопје, и го освоив златниот медал. Особено задоволство ми претставува фактот што бевме мала екипа, но успеавме да оствариме учинок кој го немаат некои од поголемите држави, и сите тројца успеавме да се прикажеме во прекрасно светло. Димитар е веќе докажан натпреварувач на светската сцена, а за Стефан како најмлад натпреварувач допрва доаѓа времето. Останува да го поткрепиме овој пласман со уште повеќе медали наредната 2020 година, како светските WAKO купови, Медитеранските игри, и Европското првенство 2020 година. Посебна благодарност сакам да изразам до тренерот на Македонската Кикбокс Федерација, Драган Атанасовски и претседателот на федерацијата Дејан Митровски – Урко, кои несебично се вложија и одвоија голем дел од нивното време во изминатите три месеци со цел да пренесат што е можно повеќе знаење. На вакви големи првенства може да се воочи колку е битно позади себе да се има добар тренерски тим, кој е исто толку важен колку и самиот натпреварувач. Исто би сакал да изразам благодарност до мојот прв тренер, Марјанчо Лазаревски, кој ми овозможи услови за тренинг за време на мојот престој во Охрид, каде со помош на таеквондо клубот Хваранг ИТФ – Лескоец имав можност да поработам повеќе на мојата ножна техника и кондициски припреми” -вели Климент.
Со настапот на ова првенство заврши и натпреварувачката година за Македонската кикбокс федерација. Од таму велат дека ги очекува доста активна 2020 година на национален и меѓународен план.