Олимписка обука за напреден спортски менаџмент во Охрид
Општина Охрид во соработка со Македонскиот олимписки комитет и Националните спортски федерации, денес организира еднодневен семинар за напреден спортски менаџмент. На еднодневната едукација, присуствуваат десетици спортски работници и професори во образовните институции од Охрид и Струга. Присутните ги поздрави градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека локалната самоуправа секогаш ќе биде отворена за соработка со спортските клубови и организации.
„Спортот одамна ги надминува границите на општествена активност, во која се вклучени само спортистите, клубовите и спортските тренери. Сериозниот интердисциплинарен пристап во организацијата на спортот, во кој ќе бидат имплементирани научните достигнувања од најразлични области, е неопходен услов за постигнување врвни резултати. Во таа смисла, денешниот ваш семинар, уверен сум дека ќе биде од особена полза за спортските менаџери, тренери и воспитувачи од Охрид и Струга.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.
Семинарот го водат, д-р Сашо Поповски, програмски директор за напреден спортски менаџмент на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и Даниел Димески, член на Македонскиот олимписки комитет.