ООУ „Ванчо Николески“ го одбележа Денот на планетата Земја
ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА СО ЗАВРШНИ АКТИВНОСТИ ОД ПРОЕКТОТ „ПОТТИКНУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТСКАТА КЛИМА ВО УЧИЛИШТЕТО“
Во рамки на проектот „Поттикнување на демократска клима во училиштето“, ООУ „Ванчо Николески“ на 22-ри Април реализираше отворен ден за граѓанско образование, како завршна активност од сите досегашни акции реализирани во рамки на овој проект оваа учебна година.
Од самиот почеток на учебната година во овој проект беа вклучени ученици од VIII и IX одд., како и одговорен наставник по граѓанско образование, стручни соработници и останати заинтересирани наставници. Целта беше иницијатива за промена на граѓанската свест, а нашите ученици избраа тоа да бидат активности за разубавување на животната средина и за поттикнување на еколошката свест кај населението. Поради тоа обединети под ученичка иницијатива „ЧИСТ, УРЕДЕН И ЕКО ДВОР“, во текот на изминатите месеци беа преземени низа активности:
- Реализирани беа неколку ЕКО работилници за уредување на училишните дворови во централното и подрачните училишта, чистење на истите, засадување садници и цвеќиња, поставување куќарка за птици, поставување канти за отпадоци и фарбање на оградата во училишниот двор во Лескоец.
- Промовирани беа ЕКО маички со еко пароли, изработени беа цртежи и паноа со еколошки пораки во холовите на училиштата, како потсетник како треба да се однесуваме кон природата, училиштето и училишниот двор.
- Распишан беше ликовен и литературен конкурс на тема „Немаме резервна планета“.
- Спроведено беше истражување за значењето на инсектите за планетата Земја, изработени беа и поставени два иновативни хотели за инсекти во Лескоец и Косел.
- Спроведено беше истражување и акција за селектиран отпад, како и пренаменување на училишните канти за таа цел.
На отворениот ден за граѓанско образование кој не случајно беше на Светскиот ден за заштита на планетата Земја, а со почитување на мерките за заштита од Ковид 19, се направи презентација пред присутните ученици и вработени за сите досегашни активности во рамки на овој проект, беше уредена изложба од трудовите на учениците, а посебно внимание и акцент се стави на иновативните хотели за инсекти. Учениците учествуваа на свеченото поставување на хотелот за инсекти во училишниот двор во Лескоец, а учениците од еколошката секција се вклучија во иницијатива за селектирање на отпад, при што училишни канти беа пренаменети за таа намена.
Со присутните ученици се изведе и работилница на флип-чарт табла, каде учениците оставаа пораки за грижа на планетата Земја, спомнувајќи си за нејзиниот роденден. Преку сите овие активности учениците и вработените од ова училиште јасно кажаа „ДА, ЗА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА!“ и испратија порака дека „НЕМАМЕ РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА, ПА ЗАТОА ДА ЗА ЗАЧУВАМЕ ОВАА“.