25/11/2024
Македонија

Опасноста од птичји грип помала, но, се уште актуелна

При крај е процесот на миграција на птиците преселници, но, се уште постои опасност од пренесување на вирусот на болеста Авијарна инфлуенца (Птичји грип), која е присутна во регионот. На сила остануваат воведените забрани за увоз на жива живина, производи и нус производи од живина од регионите каде во соседна Бугарија каде кон крајот на минатиот месец беше потврдено последното позитивно жариште на болеста, како и забраните за увоз од неколку европски земји.

„Со цел спречување на евентуална појава и ширење на вирусот на болеста Птичји грип во земјава апелираме до одгледувачите на живина ( комерцијалните одгледувачи и домаќинствата) на високо ниво да се одржуваат биосигурносните мерки на фармите.

Неминовно е рано пријавување и рано откривање на болеста, но, пред се, спроведување на превентивни мерки како дел од стратегијата за справување за Авијарна инфлуенца.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, апелираме живината и другите птици да се држат на начин со кој ќе се ограничи нивното движење надвор од живеалиштата, а треба да се внимава и да се спречи контакт на домашната живина со диви птици. Од особена важност е да не се врши поење и хранење на живината во дворовите за да не се привлече вниманието на дивите птици.“– велат од АХВ.

За да се спречи појава и спречување на евентуално ширење на оваа болест, задолжително да се врши превентивна и тековна дезинфекција на превозните средства за живина и диви птици, јајца за ведење, производи и нус – производи од живина и мрши. Од исклучителна важност е да се внимава во јатата да не се внесува живина со непознат здравствен статус, а до надлежното ветеринарно друштво или официјалните ветеринари да се пријави промената во здравствената состојба на живината или зголемената смртност.

Бидејќи дивите птици се главни преносители на болеста, апелираме до ловџиите по враќање од лов задолжително темелно да се измијат пред да стапат во контакт со живината, облеката користена за лов да не се користи во контактот со живината.

Забрането е хранење на живината и другите домашни животни, првенствено кучиња и мачки со остатоци од диви птици зошто секој остаток од нив се третира како потенцијален извор на Авијарна инфлуенца. До надлежното ветеринарно друштво или до официјалните ветеринари, апелираме ловџиите да го пријават и секое угинување на диви птици.