Општина Охрид дел од владиниот проект „Македонија без кал“
Општина Охрид ќе биде дел од проектот „Македонија без кал“ со кој ќе се санираат локални патишта и улици во должина од 450 километри во 80 општини и Град Скопје.
Имплементацијата на проектот стартуваше денеска, со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Владата и општините. Во името на општина Охрид меморандумот го потпиша секретарот Игор Бежоски.
Целта на овој проект е подобрување на патната поврзаност, безбедноста на сообраќајот и локалниот и државниот економски развој. Првиот тендер од проектот со кој е предвидена санација на патишта во должина од 23 километри во вредност од пет милиони евра е веќе доставен на одобрување во банката.
Според предвиденото, секоја општина до Министерството за транспорт и врски доставува готови ревидирани проекти кои се проверуваат и потоа се доставува до банката. За прифатливите проекти Министерството спроведува јавни набавки за градежни работи и надзор.
Проектот „Македонија без кал“ е дел од четиригодишната рамка за соработка со Светска Банка со вкупна вредност од 420 милиони евра.